Следната година е одбележувањето од 60-годишнината од кубанската нуклеарна криза. Неможноста на лидерите на САД и на Советскиот сојуз да комуницираат директно и отворено тогаш го доведе светот на работ од нуклеарна војна. Бавното патување на пораките доведе до недоверба, а избегнувањето на катастрофална нуклеарна војна претставуваше повик за будење, укажувајќи на потребата за надградба на дотогашниот „црвен телефон“, пренесува „Форин полиси“.

Таканаречениот „црвен телефон“ служеше како модел за билатерални комуникациски врски повеќе од половина век. Но оттогаш, начинот на комуникација повеќепати еволуираше и беше надградуван. Иако денес постојат десетина такви телефонски врски во светот, лидерите на сите земји со нуклеарно оружје не се поврзани, а во некои случаи, тие немаат начин за каков било меѓусебен контакт.

Во Јужна Азија, каде што тензиите се високи меѓу Индија, Пакистан и Кина, нема телефонски линии меѓу шефовите на државите. Не е јасно дали воените и политичките билатерални врски во оваа област се сигурни, или пак, дали воопшто биле користени во време на вистински кризи. „Црвениот телефон“ воспоставен помеѓу Индија и Пакистан во 1971 година беше опишан како „бучен, несигурен и со чести прекини“. Но, линијата беше обновена во февруари годинава, за да се дискутира тековниот прекин на огнот помеѓу двете земји.

По долги дискусии, минатата година беше воспоставена воена телефонска врска меѓу индискиот и кинескиот министер за надворешни работи, кои исто така се согласија за воспоставување на политичка телефонска линија во февруари годинава. Двете линии беа создадени поради актуелната гранична криза помеѓу Индија и Кина во 2020 година.

Од друга страна, заканите предизвикани од хакирање, измама или едноставна гласовна имитација, можат да ги измамат оние лидери кои имаат високо ниво на блискост едни со други. Неколку водители на радио-емисии во минатото успеаја да разговараат со разни шефови на држави, претставувајќи се како познати и влијателни личноси.

Новите технологии, како што се аудио и видеопораките произведени со помош на  вештачка интелигенција, го зголемуваат ризикот за нуклеарната комуникација. Дури и во случаи кога лидерите си веруваат едни на други, технологиите стануваат сè поубедливи со секој нов ден, и може да посеат доволно сомнеж во „нуклеарните разговори“. Затоа следната генерација на „црвени телефони“ мора да биде обезбедена и заштитена од ваквите нови технолошки ризици.

Со оглед на големите ризици од ескалација на нуклеарна војна преку погрешно толкување, двосмисленост и тајност, лидерите на земјите со нуклеарно вооружување треба да имаат можност и начин да зборуваат јасно, самоуверено и доверливо меѓу себе. Одржувањето на стабилноста и спречувањето на нуклеарната војна не е можно со логиката и несоодветните системи од времето на Студената војна. Зум-повиците исто така нема да ги спречат нуклеарните војни. За да се соочат со опасностите на нуклеарната реалност во 21-виот век, „црвените телефони“ на нуклеарните лидери итно треба да бидат надградени.