Американскиот претседател Доналд Трамп вообичаено е активен на Твитер, коментирајќи ги актуелните случувања, но тој не се огласи преку социјалната мрежа во врска со бомбите-пакети испратени кај Џорџ Сорос, а потоа и кај Хилари Клинтон и Барак Обама. Тоа не беше случај при терористичките акти на Исламската држава, кои Трамп бргу ги осудуваше. „Дејли бист“ се прашува зошто американскиот лидер не твита за бомбите испратени во Вашингтон и во Њујорк, кај демократите?

Трамп, го реобјави твитот на американскиот потпретседател Мајк Пенс, кој го осуди испраќањето на бомбите-пакети, заедно со пораката „потполно се согласувам“. Американскиот претседател се огласи два часа подоцна на настан посветен на злоупотребата на дрога, организиран во Белата куќа.

– Сите ресурси на нашата влада се вклучени во спроведување на истрагата и за приведување на оние одговорни за ваквите акти. Нема да штедиме ниту ресурси, ниту трошоци. Во вакви времиња треба да се обединиме и да испратиме силна порака. За заканите и за политичкото насилство нема место во САД – порача Трамп, кој подоцна објави дека имал средби со претставници на безбедносните служби, односно дека безбедноста на американскиот народ е негов највисок приоритет. 

Потенцијално експлозивните пакети беа испратени вчера до поранешниот демократски претседател Барак Обама, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, демократскиот гувернер на државата Њујорк, Ендрју Куомо, како и до телевизиската мрежа Си-Ен-Ен.

Истражителите кои ги испитуваат експлозивните направи, бараат докази кои би ги идентификувале испраќачите, собирајќи отпечатоци, ДНК-докази, во обид да го откријат потеклото на направите и на деловите од кои се составени. Според првичните резултати, бомбите содржеле прав и парчиња стакло, како и мала батерија, налик на оние кои се користат во часовниците.