Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека долгоочекуваниот извештај на нејзините експерти што во Кина го истражуваа потеклото на коронавирусот сè уште не е готов и дека „веројатно ќе биде објавен идната недела“. Портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмаер, соопшти на конференција за новинарите во Женева дека извештајот „едноставно не е готов“ и дека членовите на тимот што работеа со кинеските власти на изработката на нацртот „сакаат да го направат како што треба“. Линдмаер додаде дека, според она што го слушнал од членовите на експертскиот тим, очекува извештајот најверојатно да биде објавен идната недела. Во меѓувреме, западните медиуми веднаш излегоа со свои анализи и написи за последната објава на СЗО, при што некои веќе споделија информации дека извештајот може да биде проблематичен, па дури и да предизвика непријатности кај лидерите на повеќе земји. Инаку, СЗО претходно планираше прво да објави резиме на извештајот, а подоцна и подолга, подетална верзија. Во меѓувреме се откажа од таа идеја и беше одлучено да се објави еден документ. Петер Бен Ембарек, шефот на истражувачката мисија на СЗО, претходно месецов најави дека извештајот ќе биде објавен на 15 март, но не се случи тоа.