Кога раперот познат под уметничкото име Хаски дознал дека руските власти го откажале неговиот настап во Краснодар, минатиот месец, тој застанал на покривот на автомобил на локален паркинг, за да одржи импровизиран перформанс. 

– Ќе ја пејам мојата музика, најискрената музика – порачал 25-годишниот музичар чие вистинско име е Дмитриј Кузњецов. 

Тоа биле последните зборови што Хаски успеал да ги каже, пред полицијата да го симне од автомобилот и да го уапси. Луѓето собрани на паркингот потоа почнале да ја пејат руската химна на потсмевлив начин, во знак на протест, додека полицискиот автомобил се оддалечувал, пренесува европското издание на магазинот „Политико“.

Веќе наредниот ден, раперот се појавил пред суд за да се соочи со обвиненија за нарушување на јавниот ред и мир, по што бил осуден на 12 дена затвор. Видео-снимката од неговото апсење и судско појавување бргу го привлече вниманието на социјалните мрежи.

Овој рапер не е единствениот кој дојде во судир со руските власти, откако полицијата го спречи одржувањето на десетина концерти во изминатите неколку месеци.

Во рациите биле вклучени припадници на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), како и анти-екстремистичката единица на Министерството за внатрешни работи. Познавачите на состојбите сметаат оти не е забележан културен и генерациски судир во Русија од вакви размери, уште од 80-те години на минатиот век кога КГБ беше настремен кон руската андерграунд рок-сцена. 

Политичарот Виталиј Келнитски неодамна побарал забрана за музичарите чии песни промовираат „насилство, секс и употреба на наркотици“. Тој истакнал дека цел на забраната претставува „зачувувањето на моралните и духовни услови за едукација на младите луѓе во државата“. 

– Се појави нова генерација на музичари кои зборуваат слободно за разни теми, и се чини дека тоа не им се допаѓа на некои луѓе, бидејќи го сметаат за закана. Изгледа дека се плашат од културна револуција – вели пејачката Анастасија Креслина. 

Одредени музичари изразија поддршка кон рускиот претседател Владимир Путин, како што е случајот со еден од најполуларните руски рапери Тимати, кој ја испеа песната „Мојот најдобар пријател е Путин“ во 2015 година. 

Но, од неодамна раперите се насочија кон поосетливи теми, како што се сиромаштијата, употребата на дрога и тешкотиите на секојдневниот живот. Хаски исто така беше критичен кон долгото владеење на Путин.

Во анализата на „Политико“ се посочува дека кампањата на властите против руските музичари се должи на два неодамнешни насилни инциденти во кои биле вклучени тинејџери. Деветнаесетгодишниот студент Владислав Рослјаков уби 19 лица во оружениот напад на Техничкиот колеџ во Керч на Крим, во октомври, пред да се застрела себеси. Две недели подоцна, 17-годишниот анархист Михаил Злобицки загина во експлозијата на бомба која ја носел, при влегувањето во седиштето на ФСБ во Архангелск. Во експлозијата биле повредени и тројца припадници на ФСБ.

Безбедносната служба набргу одговорила со составување на „црна листа“ на музичари, и покрај тоа што не постоеле докази дека нападите биле поттикнати од модерната музика во Русија, според Павел Чиков, од организацијата за човекови права „Агора“.

Трагедијата во Керч влијаела на ставот на руските власти кон музиката

Но, се чини дека Кремљ, сепак ја „сменил плочата“ по протестите поради начинот на кој се третираат музичарите. Во прилог на ваквите тврдења оди гостувањето на директорот на главната руска информативна агенција „Русија севодња“ Дмитриј Кисељов во телевизиско шоу, во кое тој рапувал. Советникот на Кремљ, Михаил Швидкој, пак, неодамна кажал дека „рапот е уметничка форма која не треба да се игнорира“, а директорот на Надворешната разузнавачка служба на Русија, Сергеј Наришкин изразил одобрување за предлогот според кој раперите и другите музичари треба да добијат државни грантови.

Сепак, остануваат нејаснотии за ставот на руските власти кон музиката, што би можело да сугерира дека постојат несогласувања помеѓу администрацијата на Путин и безбедносните служби за начинот на кој треба да постапуваат со музичарите што ги „преминуваат црвените линии“.