Разликите во ставовите за деталите од договорот стојат зад неочекуваната промена од оптимизам кон обновени непријателства помеѓу двете страни. Кина барала текстот за трговскиот договор да биде прифатлив за нејзините граѓани и дека нема да ѝ наштети на нејзиниот национален интегритет. Тоа сугерира дека во Пекинг постои голема загриженост за реакцијата на јавноста за какви било отстапки кон САД

Трговските преговори помеѓу Кина и САД пропаднаа поради тоа што Пекинг ги отстрани деталите од договорот во кои беа наведени обврските што треба да ги исполни за постигнување спогодба, со која ќе ѝ се стави крај на трговската војна, изјави Сузан Торнтон, поранешната помошничка на државниот секретар за Источна Азија и пацифички работи во Стејт департментот.
Торнтон, како што пренесува „Саут Чајна морнинг пост“, истакнува дека двете страни се договориле за временската рамка за постепено имплементирање на промените, додека траат преговорите за конечен договор. Американската страна, сепак, барала да воведе критериуми за специфични прашања, за да може да биде сигурна дека е постигнат напредок кон постигнувањето конечен договор.

– Разбрав дека имало текст што американската страна им го предала на Кинезите, во кој се наведени обврските што треба да бидат исполнети во одредени области. Во текстот што го добиле од Кина, сите овие детали биле избришани – наведува Тортон за „Саут Чајна морнинг пост“.

Таа тврди дека слични работи се случиле и претходно во преговорите во Кина, бидејќи Пекинг бил посебно чувствителен за деталите што биле објавени јавно и кои можат да влијаат на перцепцијата за договорот помеѓу домашната јавност.

– Често станува збор за чувствителноста за објавувањето на документот пред јавноста. Тие не сакаат да изгледа дека некој ѝ поставува услови на Кина. Но САД сигурно сакаат јавноста да види за што станува збор. Тоа е целата работа – додава Тортон.
Според бившата американска дипломатка, друг проблематичен момент помеѓу двете страни, поврзан со иднината на тарифите, е тоа што САД сакаат да го задржат правото за воведување казни во иднина како „мотивација“ за имплементирање на договорот.

– Кинеската страна порача дека не може да прифатат никаков договор, што ќе ни дозволи да воведеме тарифи и да ги користиме како механизам за принуда – истакнува Тортон.

Таа наведува дека била изненадена кога трговските преговори пропаднале веднаш откако и двете страни ги зголемија очекувањата дека ќе биде постигнат договор. Според Тортон, сега е малку веројатно дека трговските тензии помеѓу двете земји ќе бидат решени во блиска иднина.

Во почетокот од мај се подгреваше атмосферата дека ќе биде постигнат договор за ставање крај на царинските војни, што почнаа лани на 6 јули. Но сите очекувања завршија ненадејно, откако американскиот претседател Доналд Трамп, обвинувајќи ја Кина за повлекување, ги зголеми царините за кинески производи, во вредност од 200 милијарди долари, од десет на 25 отсто, и тоа на 10 мај, истиот ден кога кинескиот премиер Лиу Хе пристигна на преговорите во Вашингтон.

Извор запознаен со преговорите тврди дека текстот од трговскиот договор, кој првично беше чуван во рамките на многу мала група во Кина, беше отворен за дискусија за поширока група функционери, и тоа две недели пред обвинувањата на Трамп. Според истиот извор, овие функционери имале големи забелешки за текстот на договорот. Истовремено, американскиот трговски претставник Роберт Лајтизер одбил да ги повлече американските барања, најверојатно очекувајќи дека кинескиот претседател Си Џинпинг ќе направи некои отстапки и оти двете страни ќе најдат начин за формулирање заеднички прифатлив текст.

Преговарачките тимови воопшто не биле блиску до постигнување договор во текот на посетата на Лиу на САД. Наместо тоа, тој ги посочил клучните разлики помеѓу двете страни, вклучувајќи ги елиминирањето на тарифите, износот на американски производи што Кина би ги купила и тоа дека трговскиот договор треба да демонстрира еднаквост и достоинство. Други кинески претставници и организации тврдат дека немало попуштање од Кина и дека некои од американските барања биле неприфатливи. На пример, тие посочуваат на тешкотијата за купување повеќе американски производи, во период кога Вашингтон воведе рестрикции за извоз на висока технологија во Кина.

САД исто така наводно барале и воведување механизам за верификација на ветувањето на Пекинг за ставање крај на принудниот технолошки трансфер, што, пак, во очите на Кина е нарушување на нејзиниот суверенитет.

Во коментарот на весникот на кинеската Комунистичка партија, „Пиплс дејли“, се наведува дека Кина сака решавање на трговските тензии со САД, но и дека нема да попушти пред американскиот притисок. Весникот тврди дека Кина барала текстот за трговскиот договор да биде прифатлив за нејзините граѓани и дека нема да ѝ наштети на нејзиниот национален интегритет. Тоа сугерира дека во Кина постои голема загриженост за реакцијата на јавноста за какви било отстапки кон САД.