Владите, деловниот, спортскиот и културниот сектор треба да разгледаат алтернативни можности за побрзо враќање на нормалното функционирање на општествата и економиите, вели Вилен Јонкер за „ЕУ обсервер“

Додека вакцинацијата против ковид-19 почна да се спроведува низ светот, а контролата на локалната трансмисија и следењето на контактите на заразените и натаму се од суштинско значење, сѐ уште не е јасно зошто апликациите за следење на контактите никогаш не се покажаа како успешни. Ова меѓу другото го анализираат повеќе европски медиуми, притоа оценувајќи дека автоматското следење на контактите сè уште може да игра важна улога во нормалното функционирање на општествата, но со користење друга технологија и друг пристап. Бриселскиот магазин „ЕУ обсервер“ на оваа тема истакнува дека на почетокот на 2020 година, европските напори за подобра борба со заразата на ковид-19 добија силна поддршка со воведувањето на апликациите за паметните телефони, но се јавија предупредувања за сложеноста на технологијата и разликите во пристапите на секоја европска држава. Сега, според медиумот, со сигурност може да се потврди дека, и покрај повремените успеси, борбата сепак мора да продолжи.
– Воведувањето и преземањето на апликациите за следење на контактите и натаму се под очекувањата, а високите стапки на зараза во Европа го спречија масовното следење на контактите. Покрај тоа, акцентот се стави на вакцинациските кампањи, кои во втор план ги турнаа технолошките решенија за следење на контактите на заразените – вели Вилен Јонкер, познавач на состојбите.
Според него, за општествата и економиите што поскоро да се вратат на нормалното функционирање, потребно е да се користи комбинација од рестриктивни мерки, вакцинација, тестирање и следење на контактите, и тоа најдобро преку автоматизирана поддршка.

Слаби европски напори

Во меѓувреме неколку европските држави воведоа апликации за следење на контактите на заразените уште на почетокот од пандемијата во 2020 година, но тоа не беше координирано и прерасна во проблем што ги надмина националните граници. Две научни здруженија, претежно составени од Французи, работеа на централизирани и децентрализирани протоколи според кои би функционирале апликациите за следење на контактите. За жал, европските држави не постигнаа согласност за една заедничка апликација, што всушност ја наруши интероперабилноста. Паралелно со тоа, американските технолошки гиганти „Епл“ и „Гугл“ ги здружија силите и лани во мај ги претставија заедничката рамка и протоколи за следење на контактите на заразените (ГАЕН). Со оглед на светската доминација на нивните оперативни системи за мобилни телефони, беше неизбежно дека повеќето апликации за следење на контактите ќе се базираат на ГАЕН или ќе беа компатибилни со него. За да се надминат поделбите, Европската комисија минатата година во септември дури претстави и систем за интероперабилност што ги поврзува сите национални апликации во Европската Унија (ЕУ). За жал, до денес само 11 од 27 членки на блокот се регистрирани во системот. Спротивно на првичните прогнози, дека дури до 85 отсто од корисниците ќе сакаат да ги преземат апликациите за следење на контактите, во светски рамки бројките се драстично пониски. Ваквите апликации ги користат околу 21 отсто од граѓаните во Германија, 14 отсто во Италија и 15 отсто во Франција. Во светски рамки предничат Исланд и Сингапур, каде што 40 отсто од граѓаните ги користат овие апликации.

Причини за неуспехот

Зошто апликациите за следење на контактите не ги исполнија очекувањата анализира и магазин „Форин полиси“. Според медиумот, и покрај тврдењата дека приватноста на корисниците е загарантирана со апликацијата, сепак се јави големо незадоволство кај граѓаните и не се остварија прогнозите за нивно користење. Другата причина за неуспехот е тоа што идејата за следење на контактите речиси исклучиво се фокусираше на преземање од мобилните телефони, бидејќи секој ги користи. Додека третата причина беше тоа што ваквите апликации не беа соодветно вклучени во постојните системи за борба против пандемијата, така што тие не покажуваа ефикасност ако државата располага со мали капацитети за тестирање. Затоа, според анализите на познавачите на состојбите, важно е да се нагласи дека алтернативните технологии, како физичките токени, се од курцијално значење во борбата со пандемијата. Токените се докажана технологија во логистиката на следењето на информациите и се користеа во Сингапур за евидентирање на заразените со коронавирус. Тие бараат минимална функционалност, трошат малку енергија, мали се и евтини, но се доста моќни. Не е потребно да се инсталираат или преземат во мобилните телефони, така што воопшто не се поврзани со личните податоци.

Токени наместо апликации

Во таа насока, европската организација за дигитални иновации „ЕИТ диџитал“ изминатиов период тестираше токени за следење на заразените со ковид-19, каде што податоците од анализите даваат реални услови за да може тие да се пласираат на пазарот. Токените се прават во Европа, функционираат на европски софтвери и притоа може да ги користат независни неевропски мобилни платформи. Владите, деловниот, спортскиот и културниот сектор треба да ја разгледаат оваа можност во борбата со пандемијата за враќањето кон нормалното функционирање на општествата и економиите, сѐ со цел тоа да се одвива со побрзо темпо.