Граничните премини, аеродромите и пристаништата ќе функционираат побавно од времето пред пандемијата, бидејќи слабата координација помеѓу земјите околу употребата на дигиталните т.н. ковид-пасоши временски значително ќе ја зголеми процедурата за трансфер на патници и добра во државите низ светот. Тоа истовремено може да создаде хаос и застој при влез во државите…

ЕУ соочена со предностите и маните на зелените сертификати за патувања

Административната процедура за употребата на т.н. ковид-пасоши заедно со граничните контроли на постојните патни документи, има голема шанса да го закочи вообичаениот проток на луѓе на аеродромите и граничните премини, како што го паметиме пред пандемијата. Вакви предупредувања неодамна публикуваа голем број светски медиуми од анализи на експерти, кои истакнуваат дека административната контрола на дигиталните документи односно зелените сертификати, поради слабата координација меѓу земјите во светот одзема многу од работното време на пограничните служби во државите. Имено, за вакви сомнежи, прво реагираше здружението на најголемите авиокомпании и аеродроми во Европа АЦИ, кое предупреди дека ќе има хаос и часови чекање доколку не се воспостави подобра координација помеѓу државите по лансирањето на дигиталниот ковид-сертификат на ЕУ, најавен за крајот на неделава.
Според пишувањата за европските новински агенции, заедничкиот европски систем за ковид-сертификација сѐ уште не е оспособен, а пограничните служби не се доволно информирани за деталите што произлегуваат од ЕУ-дигиталниот сертификат. Во тој контекст асоцијацијата на аеродромите АЦИ и здруженијата на авиокомпании А4Е, ИАТА и ЕРА со писмо ги предупредија европските лидери за „загрижувачката разновидност на пристапот“ низ континентот.
– Како што се зголемува сообраќајот на патници во следните недели, ризикот од хаос на европските аеродроми е реален – се вели во заедничкото писмо до европските лидери, во кое британската новинска агенција „Би-би-си“ имаше увид.
Во меѓувреме и други земји и организации предупредуваат на можен патнички хаос и зголемено време за чекање при влез во државите за време на летниот период. Според американските медиуми, дигиталниот сертификат, кој би функционирал со „кју-ар код“, кој ќе ги содржи личните податоци на лицето и податоците за неговата имунизација, засега не се усогласени со американските стандарди бидејќи сѐ уште Светската здравствена организација (СЗО) не ги направила неопходните работи овој пасош да биде признаен и надвор од Европа. Па, така, за време на претстојната летна туристичка сезона многумина од имунизираните Американци се спречени поради ковид-пасошите да патуваат во Европа.

– ЕУ треба постепено да ги олесни корона-ограничувањата за влез за патниците од САД, но и преостанати други земји, по договорот меѓу 27-те земји-членки за олабавување на патните рестрикции во блокот склучен неделава. Сепак, патниците од САД засега полесно влегуваат во други земји надвор од Унијата отколку во еврозоната, токму поради неусогласеноста и различните засебни политики на некои земји-членки на ЕУ за САД, кои, според нив, се земја со висок ризик – наведува германската агенција ДПА. Според медиумот, за жал, ситуацијата може дополнително да се влоши во наредниот период бидејќи сѐ уште се остава на секоја земја-членка на Унијата да одлучува точно кои барања им ги наметнува на патниците, додека аранжманите на туристите во голем број им пропаѓаат.

Инаку, според најавите, во земјите-членки на ЕУ од денес влегува во употреба ковид-пасошот, кој треба да овозможи слободно движење на граѓаните. Оние членки што нема да бидат подготвени да го внесат сертификатот во употреба на наведениот датум, ќе добијат уште шестнеделен грејс-период за подготовка. Според германски „Дојче веле“, новиот документ ќе им овозможи на граѓаните на ЕУ „да се движат послободно во рамките на ЕУ во целосна здравствена сигурност“ и ќе им даде поддршка на економските сектори што зависат од слободно движење, соопшти комесарот Елмар Рејндерс во Брисел.
Од она што го пренесува германскиот медиум, засега е познато дека ќе бидат издавани три типа сертификати (ковид-пасош), кои ќе бидат бесплатни и ќе може да се избира меѓу хартиени и дигитални. Првиот сертификат ќе биде сведоштво за вакцинација со вакцина одобрена од ЕУ, вториот ќе покажува негативен резултат од тестирање, а третиот ќе содржи податоци за лица што оздравеле од коронавирусот.


Поради пад на туризмот, светската економија загуби 4.000 милијарди долари

Пандемијата на коронавирусот освен што предизвика криза во здравството, предизвика и промени во однесувањето на луѓето и ги смени секојдневните навики, а со тоа предизвика и промени во економијата и туризмот, пишува магазинот „Блумберг“. Според магазинот, токму глобалната економија поради пад на туризмот во 2020 година и 2021 загуби околу 4.000 милијарди долари. Тоа е така бидејќи слабата имунизација на светското население предизвика застој во патувањата особено во земјите во развој, кои, меѓу другото, се зависни од странските посетители. Овие загуби до крајот на годината би можеле да се зголемат, а меѓународниот туризам да биде уште на поголем удар во годините што следуваат.