Здравствениот систем на Италија е преоптоварен од напливот на пациенти

Високиот број жртви од вирусот во Италија е поради старото население, преоптоварениот здравствен систем и начинот на кој земјата ги регистрира смртните случаи, велат експертите

Италија е една од најпогодените земји во светот од пандемијата на коронавирусот. Владата во Рим одговори со строги карантински мерки како што се зголемуваше бројот на заразени лица, но експертите ги загрижува и високиот број жртви од ковид-19, кој веќе го надмина бројот на настрадани во Кина.
Според податоците до вчера во 12 часот, Италија имаше над 97.600 потврдени случаи и над 10.700 жртви, додека Кина имаше над 81.400 потврдени случаи и околу 3.300 жртви. Тоа значи дека починале речиси 11 отсто од потврдените случаи на коронавирус во Италија, за разлика од Кина, каде што тој процент е околу четири отсто. За споредба, Германија има над 62.400 потврдени случаи и околу 540 жртви (0,8 отсто).

Според професорот Валтер Рикиарди, научен советник во италијанската влада, стапката на смртност е далеку поголема од другите земји поради демографската слика на Италија, која има второ најстаро население во светот, како и поради начинот на кој болниците ги регистрираат смртните случаи.
– Возраста на нашите пациенти во болниците е значително повисока. Средната возраст е 67 години, а во Кина беше 46 години. Значи дистрибуцијата на нашите пациенти е згусната кај постарата возрасна група и тоа значајно придонесува за зголемување на смртноста – вели Рикиарди.
Една студија откри дека речиси 40 отсто од инфекциите и 87 отсто од смртните случаи во Италија се кај пациенти постари од 70 години. Според едно моделирање, поголем дел од оваа возрасна група веројатно ќе има потреба од критична болничка нега – околу 80 отсто од лицата над 80 години – што значи огромен притисок врз здравствениот систем на Италија.

Но Рикарди смета дека стапката на смртност во Италија може да изгледа повисока и поради начинот на кој лекарите ги регистрираат смртните случаи.
– Начинот на кој ја бележиме смртноста значи дека сите луѓе што умреле во болница од коронавирус се смета дека умреле од коронавирус. Според процената на Националниот институт за здравство, 12 отсто од потврдените смртни случаи имале директна поврзаност со коронавирусот, додека 88 отсто од пациентите што починале имале барем еден друг фактор поради кој настанала смртта, а во многу случаи имало и два или три други фактори – вели тој.

Ова не значи дека ковид-19 не придонел за смрт на пациентот, туку докажува дека бројот на жртви во Италија е поголем зашто голем дел од пациентите имале и други здравствени проблеми. Експертите, исто така, предупредуваат да не се прават директни споредби меѓу државите поради разликите во тестирањето.
Мартин Меки, професор по европско јавно здравство на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, вели дека земјите сè уште немаат добар показател за благите инфекции. Ако натамошното испитување открие дека повеќе асимптоматски случаи се шират неоткриени, стапката на смртност ќе се намали.
– Премногу е рано да се направи споредба во цела Европа. Немаме детален надзор на населението и не знаеме колку асимптоматски луѓе го шират вирусот – вели тој, додавајќи дека тестирањето во моментот не е конзистентно.
Но според експертите, постојат и други фактори што можеби придонеле за високата стапката на смртност во Италија. Ова вклучува висока стапка на пушење и загадување – поголем дел од смртните случаи се во северниот регион Ломбардија, кој е познат по лошиот квалитет на воздухот. Исто така, напливот на пациенти предизвика и преоптоварување на здравствениот систем на Италија.

– Лекарите во Италија не се грижат за еден или за двајца пациенти, туку за 1.200. Фактот што спасуваат толку луѓе е вистинско чудо – посочува д-р Мајк Рајан, директор на програмата за здравствени вонредни состојби во СЗО.
Овој притисок, најверојатно, ќе се влоши бидејќи сѐ повеќе здравствени работници се заразуваат и треба да се изолираат, пренесува „Телеграф“.
– Во Италија се вклучени три фактори. Првиот е дека има постаро население, вториот е дека здравствениот систем е преоптоварен и третиот е дека има значителна загуба на здравствени работници бидејќи сѐ повеќе се заразуваат и изолираат – нагласува Меки.