Воените аналитичари се согласни дека и теоретски/статистички и како воена реална проекција, Израел е воено способен да го уништи Хамас. Но, исто така во нивната „фуснота“ стои и еден контроверзен став. Имено, тоа е констатацијата дека во отсуство на одржлива алтернатива за контролата на областа Газа од страна на Хамас, стратегиски Израел не сака да си го дозволи тоа!? Непријателот од долгогодишниот судир станува пријател? Тешко. Но безбедносните калкулации и тактичките потези во контекст на постигнување стратегиски цели, сега се многу интересни и несекојдневни на Блискиот Исток.

Од анализите на овие прашања се издвојуваат три категории референци: воени, цивилни и стратегиски. Додека на воен план Израел постигна импресивен напредок против главните закани што доаѓаа од Газа, цивилната димензија продолжи да се влошува, а потрагата по одржлива алтернатива за Хамас и понатаму остана во стагнација. Оттука, растечката економска и социјална фрустрација во Газа ја зголемува веројатноста за избувнување на уште еден конфликт. Иако според сите анализи Израел воено ќе биде во подобра ситуација за управување со таквиот конфликт, во отсуство на изводлива стратегија за излез, во Газа не може да се постигне подолготрајна позитивна промена, која би следувала по евентуално следна рунда насилства. Поточно, анализите за воениот пристап, базиран на исцрпување на противникот, негирање и заплашување, би требало да остане доминантна логика за следната рунда судири, наместо оној стратегиско-политичкиот, кој би наложувал крај на владеењето на Хамас.

КАКО ИЗГЛЕДА ПОШИРОКАТА СЛИКА ЗА ГАЗА

Стратегиските, воените и цивилните позиции на Хамас континуирано слабеат. Иако сѐ уште може да ја спроведува својата контрола врз Газа, организацијата станува сѐ поизолирана во арапскиот свет. Нејзината соработка е редуцирана на воена поддршка од Иран, цивилна помош од Турција и од Катар и помош од Египет за пристап и транзит кон и надвор од Газа. Но и оваа ситуација станува сѐ покомплицирана поради египетската сомничавост кон Хамас, редуцираното влијание на Турција и заплетканоста на Катар во сопствените судири во Заливот. Впрочем, остатокот од светот на сунитските Арапи не го одобрува постоењето на Хамас, ниту пак неговата поддршка од страна на Иран и на либанскиот Хезболах, поставувајќи ја така регионалната позиција на Хамас на најниското можно ниво досега. Згора на тоа, меѓународната репутација на Хамас „се тресе“ и поради активностите на Џејсон Гринблат, специјалниот претставник за меѓународни преговори на претседателот Трамп.
Сиромаштијата е присутна низ целата територија на Газа, а притоа Хамас исцрпува голем дел од фондовите за цивилна помош за финансирање неефикасни воени капацитети, на кои Израел успешно им се спротивставува. Обидите на Хамас да манипулира со договорот за помирување со палестинските власти, за да се ослободи од економскиот товар за финансирање на цивилните апаратчици во Газа, исто така не донесоа никакви резултати.
Во меѓувреме, израелскиот проект за антиинфилтрација, како над, така и под земја, минимизира една од главните закани во режија на Хамас за наредната рунда на непријателства. Иновативните можности на сензорите за антитунелско дејствување доволно се созреани, па како пример, досега успешно се открија и превенираа единаесет тунелски напади.
Понатамошните унапредувања на системот за железна купола ја редуцираа смртноста од минофрлачки и ракетен оган на територијата на Израел. Исто така, во тек е изградба на морска бариера, за да се спречат обидите за инфилтрација преку крајбрежјето на Израел, а се засилува и одбраната против беспилотните летала на Хамас.

Неодамна, кампањата „Маршот за враќање“ на Хамас – која испрати илјадници цивили во обид да се инфилтрираат преку границата со Израел – беше обид да се остане релевантен и „да се распламтат“ Западниот Брег и Источен Ерусалим. И покрај тоа што оваа кампања успеа да го сврти накратко вниманието врз страдањата во Газа, досега немаше некој поголем успех. Сепак, таа ја истакна идеолошко-религиозната ригидност, која го отсликува фундаменталниот став на Хамас кон Израел. Манипулирајќи со наводната ненасилна граѓанска непослушност за да спроведе терористички напади по должината на границата, Хамас повторно ја отфрли идејата за самото постоење на Израел, имајќи предвид дека „Маршот за враќање“ е директно насочен против првобитната израелска територија од 1948 година.
Накратко, способноста на Израел да им се спротивстави на плановите на Хамас за следната рунда судири, слабеењето на регионалната и меѓународната позиција на организацијата и влошената хуманитарна криза во Газа го оставија Хамас со малку адути во рацете. Организацијата сака да вовлече регионални соучесници за помош на Газа, поради страв од последиците од наредна рунда судири. Сепак, ова е опасен курс, имајќи го предвид значајниот ризик дека тактичките грешки брзо може да доведат до ескалација со широк обем, а сето тоа поради недостигот од одлучни процедури за деескалација на анимозитетот помеѓу Израел и Хамас.
Иако палестинските власти беа ефикасни во спречувањето прелевање на насилството од Газа кон Западниот Брег, тие одбиваат да го понесат економскиот товар на Газа сѐ додека Хамас не се откаже од своето господарење со владината бирократија и нејзините воени капацитети. Како резултат на тоа, договорот за помирување помеѓу Хамас и палестинските власти од октомври 2017 година, кој се потпиша под покровителство на Египет, едноставно „заглави“.
Освен тоа, условите за понаметлив курс на однесување на палестинските власти кон Газа и кон Хамас во моментов не се многу поволни. Тие претрпеа многу тешки промени и „потпаднаа“ под администрацијата на Трамп, се соочија со зголемена регионална незаинтересираност кон сопствените бизниси и го очекуваат најавеното заминување на својот лидер Абу Мазен.

Израел е воено способен да го уништи Хамас. Но во отсуство на одржлива алтернатива за контролата на областа Газа од страна на Хамас, стратегиски Израел не сака да си го дозволи тоа? Дали непријателот станува пријател? Тешко. Но безбедносните калкулации и тактичките потези во контекст на постигнување стратегиски цели, сега се многу интересни на Блискиот Исток

И додека среќните ѕвезди на Хамас и палестинските власти се во опаѓање, релативната стратегиска позиција на Израел е во пораст, особено со оглед на поддршката што ја добива од администрацијата на Трамп. Освен во Турција, се чини дека регионалното реноме на Израел не е сериозно поткопано – без оглед на американската одлука во врска со Ерусалим и насилството што ги одликуваше демонстрациите за време на „Маршот за враќање“ во Газа. Во меѓувреме, Израел успешно ги искористи воздушните напади врз иранските сили во Сирија, како и дипломатијата со Русија, за да ги одржи своите црвени линии во однос на иранското присуство, но и снабдувањето со софистицирано оружје за Хезболах.


Покрај тоа, израелската политика кон хуманитарната ситуација во Газа, уште од крајот на претходната рунда судири во 2014 година (операцијата „Заштитен појас“) се ограничи само на помош околу основните потреби за преживување. Иако Израел призна дека ужасната хуманитарна ситуација во Газа придонесе за избувнување на судирите во 2014 година, многу малку е направено во однос на спречувањето на уште еден ваков конфликт. Проблемот е што со текот на времето, влошената хуманитарна ситуација во Газа ја прави неодржлива израелската стратегија за превенција од напади, без оглед на големата воена ефикасност на Израел. Превенцијата ја губи ефикасноста кога се смета дека цената на ескалацијата на судирите е помала од загубите, кои се резултат на одржување на ризичната статускво-ситуација. Притоа, Израел прави малку за да ја одржи и развие електричната, водоводната и канализациска инфраструктура, а тоа значи дека како што тече времето, хуманитарната катастрофа во Газа ќе продолжи да се влошува.
Во прилог на ова, од последната рунда судири наваму, Израел не стори ништо за да развие алтернатива за владеењето на Хамас со Газа.
Да не се заборави и недовербата од страна на палестинските власти, во комбинација со претпазливоста околу каква било меѓународна вклученост во Газа, што конечно дополнително резултира со пасивност кон ова прашање. И така, додека воениот одговор на Израел во однос на борбените закани во врска со Газа станува сѐ поефикасен, неговата хуманитарна политика не е доволно цврста за да спречи нова рунда насилства, а стратегиските планови за носење фундаментални политички промени во Газа и понатаму се одолжуваат.

ЗАКЛУЧОК

Новата рунда судири во Газа не е прашање на „дали“, туку на „кога“. Фундаменталниот отпор на Хамас кон самото постоење на Израел, во комбинација со влошените хуманитарни услови со мали шанси за напредок, опасно ја приближуваат ситуацијата до зголемен опсег на насилства, кои може нашироко да се разлеат.
Со оглед на тоа што Израел и меѓународната заедница досега не успеаја да смислат алтернатива за владеењето на Хамас во Газа како крајна превенција од нови судири, уништувањето на контролата на Хамас би водело до неограничено израелско присуство што управува со Газа или, пак, до целосен хаос. Останува фактот дека ниту една од овие две алтернативи не им служи подобро на израелските стратегиски интереси од заплашениот Хамас како господар на Газа.
Иако не постои јасен излез од оваа тешка ситуација, подобрувањето на хуманитарниот статус и инвестирањето во распаднатата инфраструктура на Газа може да помогнат во одложувањето изблик на нови судири и привлекувањето поголемо внимание за конфликтите во Газа.