Кога жените се во центарот на вниманието на јавноста поради тероризам, најчесто фокусот е ставен на нивната ролја како жртви или потенцијални соработници кои помогнале да се спречи некој напад. Но, често пати, жените кои имаа значителна улога и го подржаа тероризмот во минатото беа занемарени, пишува Би-би-си.

Оваа констатација се промени со откривање на случајот за тинејџерката Шамима Бегум, која од медиумите во Британија беше опишана како „лицето“ на Исламската држава (ИД), откако беше пронајдена во камп за бегалци во Сирија, а нејзината приказна стигна до јавноста. Таа пред четири години го напушти Обединетото Кралство со две пријателки за да им се приклучи на ИД, но потоа тврдеше дека била „само“ домаќинка и помошничка на својот сопруг. Како и да е, таа поради заминувањето на боиштата во Сирија го загуби своето британско државјанство, со објаснение од надлежните дека „секој кој го поддржува тероризмот, мора да се соочи со последиците“.

Случајот на Бегум отвори многу нови прашања за активната улога на жените и нивното учество во насилниот екстремизам, без разлика дали како членови на ИД или други терористички групи. Кралскиот институт за безбедност на Велика Британија (РУСИ) вели дека 17 отсто од новите регути на екстремистичките групи во Африка се жени, додека други истражувања покажуваат дека 13 отсто од странските борци на ИД во Ирак и Сирија исто така се жени.

Според Би-би-си, улогите на жените во повеќе групи се различни. Во ал-Шабаб, кој се смета за африкански огранок на Ал Каеда, постојат податоци кои укажуваат на тоа дека нивните улоги се потрадиционални, како сопруги на борците и помошнички при домашните работи. Исто така, жените кои се дел од овие групации често пати се приморани и да бидат и сексуални робинки.

Во ИД пак, жените начесто работат како регрутери на нови борци и како промотори на екстремистичките верувања на групите, најчесто преку Интернет. Дополнително, тие може да бидат и им е дозволено да работат како лекари и медицински сестри, но со одредени ограничувања. Групата има и посебна женска полиција која ја следи моралноста на сите „ИД-сопруги“.

Постојат случаи во кои жените се користат од раководството на организациите и како бомбаши-самоубици. Неофицијалните статистики пожауваат дека 5 отсто од самоубиствените напади на терористичката ал-Шабаб во периодот од 2007 до 2017 година биле спроведени од жени.

Како и кај мажите, постојат различни причини поради кои жените се приклучуваат кон екстремистичките организации, а тие најчесто се силната идеолошка матрица и финансиските придобивки. Сепак, постојат и други причини кои конкретно ги мотивираат жените за приклучување кон терористичките групи, како што се враќањето кон традиционалните родови улоги, но и можност за просперитет во однос на некое работно место.