Принцезата Хаја

Од принцезата Хаја па сè до принцезата Латифа, во оваа статија се открива зошто богатите и славните од Персискиот Залив бегаат од дома

Форин полиси

Минатата недела, принцезата Хаја, сопругата на лидерот на Дубаи и полусестра на јорданскиот крал, поднесе барање за заштита до лондонскиот суд. Принцезата Хаја, која пред неколку месеци ги напушти Обединетите Арапски Емирати за да му избега на сопругот, побара од судот да ѝ додели старателство врз двете деца кои избегаа заедно со неа, која сакаше да спречи едно од нејзините деца присилно да стапи во договорен брак и воедно да ги заштити од насилство и малтретирање.

Принцезата е една од многуте богати арапски жени кои во последно време почнаа да бегаат од своите палати. Она што се случува во нејзиниот случај може да биде преседан во тоа како Западот ги третира оние што се во бегство.

Случајот на принцезата Хаја е особено деликатен, како што пишува Ола Салем, британската новинарка со египетско потекло, затоа што таа „долги години беше јавна личност и најпозната од шесте жени на шеикот Мохамед бин Рашид ал Мактум, лидерот на Дубаи. Таа често го придружуваше Мактум на регионалните и меѓународните состаноци, беше на приемите на разни високи функционери и држеше говори што е многу невообичаено за жена на лидер од Персискиот Залив. Можеби поради нејзината слава, како што смета Салем, нејзиниот сопруг одговори на нејзиното исчезнување со уште еден невообичаен јавен потег, така што еден од неговите пријатели на Фејсбук објавил поема, наводно, од шеикот Мохамед, во која жена е обвинета за неверност. Бурата што настана во медиумите, како што пишува Салем, ги истакна „огромните разлики меѓу имиџот на Дубаи како привлечно место за меѓународните бизниси и реалноста, како место во кое жените честопати се цел на дискриминаторска култура и на правниот систем“.

Принцезата Хаја не беше единствената што неодамна се најде во медиумското внимание. Неколку други кралски достоинственици избегаа од арапскиот свет, меѓу кои и принцезата Латифа, ќерка на шеикот Мохамед, која во видео-порака ја раскажа нејзината мака пред да замине на една француска јахта. Како што пренесува Салем, таа набрзо беше пронајдена и насилно вратена во „медицински куќен притвор“.

За Салем не е изненадување тоа што голем број на богати жени сакаат да го напуштат домот. Повеќето жени во арапскиот свет се во неповолна општествена положба. Традиционалните семејства обично им наметнуваат строги ограничувања на жените. Во зависност од тоа на кое племе припаѓаат, жените не одлучуваат сами со кого ќе стапат во брак, колкава слобода имаат надвор од куќата, дали смеат да ги користат социјалните мрежи, дали можат да патуваат и каде, дали можат да работат, што да студираат, кога да стапат во брак и кој треба да им го види лицето. Но во најнеповолна положба се привилегираните жени од арапскиот свет, без разлика дали се членови на кралското семејство или се дел од семејствата од политичкиот живот.
Ваквиот живот за овие жени е неподнослив, како што вели Хала ал Досари, истакната саудиска активистка и истражувачка. Таа вели дека „тие имаат можности да живеат поинаку и да бидат изложени на влијанието на жените од другите култури“. Салем вели дека уште полошо е „масовното лицемерие“. Многу привилегирани арапски семејства сакаат да се покажат како либерални и современи пред светот. На пример, принцезата Латифа е ќерка на еден од најотворените арапски лидери во Персискиот Залив, но како тој се однесува со своите ќерки, само му го нарушува меѓународниот углед. Тоа е така затоа што домашната политика на шеикот Мохамед, исто така, зависи од тоа како на него ќе гледаат неговите следбеници кои ги почитуваат традиционалните вредности.

Со вакви притисоци не се соочуваат само кралските семејства. Во мај новинарката Лора Касиноф разговараше со две други жени Вафа и Маха ал Субаје кои побегнале од дома поради семејно насилство во Саудиска Арабија. Тие успеале да добијат пасоши во Ријад без знаење на нивните семејства, да купат авионски билети и да заминат оттаму за Истанбул. На 1 април на аеродромот во Ријад ги уништиле сим-картичките за да не можат да ги следат. Како што објаснува Касиноф, нивната цел била да стигнат во Грузија, затоа што таму не им се потребни визи на саудиските граѓани.

Тешко е да се процени колкав е бројот на жени што се соочуваат со ваков проблем, но Касиноф истакнува дека „бројот на азиланти од Саудиска Арабија тројно се зголемил меѓу 2012 и 2017 година, на 800 случаи во светски рамки“. Поради тоа се отвораат прашања за правните системи во светот, односно дали домашното насилство може да се смета за причина за азил. Администрацијата на Трамп веќе почна да го разгледува ова прашање, затоа што сака да го спречи напливот на азиланти од Централна Америка. Од 2014 година, откако во историскиот случај на една Гватемалка која бараше азил во САД поради тоа што сопругот физички ја малтретирал, домашното насилство се смета за критериум за добивање на бегалски статус во САД.

Неодамнешните реформи во регионот се причината зашто се случува овој феномен сега. Во Саудиска Арабија, каде што пред неколку години им се дозволи на жените да возат автомобил, да имаат пристап до државните служби без дозвола на старател и да бидат во просторија заедно со мажи, владата исто така воведе строги мерки врз конзервативните сили што предизвика негативни реакции. Станува збор за „хиерархиски процес“ во кој се менува улогата на жените „по налог на владата како еден вид на подарок за населението“. Поради тоа што „општествените реформи не се поттикнати од самите граѓани, најголемиот товар за убедување на општеството ќе им припадне на самите жени“. Досега ова се покажа како неверојатно тешко.

Подготвила: Билјана Здравковска