Самопрогласениот лидер на Венецуела Хуан Гуаидо ги повика британските власти да го спречат Николас Мадуро во земањето на златото на Венецуела од Централната банка на Велика Британија, додека кризата во јужноамериканската држава се продлабочува, пренесува Си-ен-ен.

Гуаидо посочи дека официјалните лица лојални на Мадуро се обидуваат да го продадат резервите злато што се наоѓаат во Велика Британија и да ја пренесат заработката во Централната банка на Венецуела.

– Ви пишувам за да ве замолам да ја спречите оваа нелегитимна трансакција. Ако парите бидат пренесени, тие ќе бидат употребени за нелегитимниот режим на Мадуро да го угнетува и тероризира венецуелскиот народ – напиша Гуаидо во писмата испратени до британската премиерка Тереза Меј и до гувернерот на Банката на Англија Марк Карни.

Американски Блумберг претходно објави дека Централната банка на Велика Британија ги спречила државните службеници на Мадуро да повлечат злато во вредност од 1,2 милијарди долари. Според анонимни извори, златото во Британија претставува значителен удел од странските резерви на Централната банка на Венецуела кои изнесуваат осум милијарди долари. 

Банката на Англија соопшти оти се грижи за златото на повеќе држави, но дека не ги коментира јавно релациите со нив.

Претставници на власта во Венецуела, наводно, отпатувале во Лондон на преговори со Банката на Англија во ноември минатата година, со цел да вратат злато во вредност од над 500 милиони долари во Каракас. Администрацијата на претседателот Мадуро тогаш пристапила кон Банката на Англија со прашањето за пренесување на 16,5 тони злато од банкарските трезори во Англија кон Јужна Америка, според неофицијални информации.

„Ројтерс“ претходно објави оти англиската банка побарала образложение за намерата на Венецуела за враќањето на златото, што наводно придонело за посетата на претставниците на венецуелската власт во Лондон. Ваквите информации, иако непотврдени, предизвикаа бројни критики кон Банката на Англија, првенствено од англиските пратеници.

Венецуела е меѓу главните продавачи на злато. Јужноамериканската држава минатата година продаде околу 26 тони злато на Турција, чија приближна вредност изнесува 900 милиони долари. Резервите на злато на Венецуела, се намалија од 400 на 175 тони во изминатите неколку години, според статистиката на централната банкна на јужноамериканската држава. М.Ж.