Кризата во германската влада се продлабочува откако министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер, кој е и лидер на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), ѝ понуди оставка на канцеларката Ангела Меркел, незадоволен од исходот на самитот на Европската Унија, на кој се утврди новата миграциска политика. Меркел и Зехофер требаше вчера да разговараат за опциите за спас на владејачката коалиција. Шефот на германската дипломатија Хајко Мас предупреди дека спорот помеѓу ЦДУ и ЦСУ го нарушува угледот на Германија во светот и ѝ нанесува штета на Владата.
– Националните решенија не се никакви решенија – порача Мас, по средба со бугарската колешка Екатерина Захариева, на која се заложи за наоѓање европски решенија за прашањето на мигрантите.
На минатонеделниот самит на ЕУ, Меркел постигна неколку билатерални договори за мигрантските прашања, во обид да ја надмине поделбата во Владата. Германскиот Бундестаг наедно се согласи од август да испрати вооружени сили за да помогнат во контролата на бугарската граница.
Баварската конзервативна партија ЦСУ, која е долгогодишен коалициски партнер на ЦДУ на Меркел, бара заострување на односот кон мигрантите. Според Зехофер, Германија треба да им го одбие влезот на мигрантите што веќе поднеле барање за азил во некоја друга членка на Унијата или се регистрирани како бегалци. Меркел ги отфрла овие барања, додека третиот коалициски партнер, Социјалдемократската партија на Германија (СДП), на која ѝ припаѓа и Мас, има уште полабав пристап кон мигрантите.
Како министер за внатрешни работи, Зехофер најави дека ќе воведе контроли и ќе почне да ги враќа мигрантите од германските граници дури и без согласност на Меркел, што претставуваше отворен предизвик до канцеларката да го смени. На самитот на ЕУ, германската канцеларка бараше поддршка од другите членки на ЕУ за да ги задоволи барањата на Зехофер, но Баварецот соопшти дека постигнатото на самитот не е доволно.
Премиерот на Баварија, Маркус Зодер, предупреди дека раскинувањето на коалицијата ќе ја ослабне ЦСУ во пресрет на октомвриските регионални избори. Доколку Зехофер ја напушти коалицијата со Меркел, можно е ЦДУ првпат по подолго време да поднесе свои кандидатски листи во Баварија, со што ќе се подели гласачкото тело на ЦСУ, кое веќе е намалено со пребегнувањето на дел од гласачите кон антиимигрантската екстремно десничарска Алтернатива за Германија (АФД).