Најмалку 13 лица се убиени во судир меѓу вооружени земјоделци кои се скарале околу земјиште во државата Оахака, јужно Мексико.

Локалните власти соопштија дека едно лице се води како исчезнато.

Сė се случило во областа Јаутепек кога локалните жители на Санта Марија Екатепека отишле во обиколка на имот каде ги нападнале ривали од местото Сан Лукас Ихкотепек.

– За сега преброивме 13 мртви, меѓу кои има и жени, и еден повреден, како и едно исчезнато лице – се наведува во соопштение на локалните власти.

Аграрниот судир меѓу двете заедници потекнува од 1970-тите години.

Државата Оахака е една од најсиромашните во Мексико и има многу домородски заедници каде повеќе нерешени судири околу земјиште од време на време прераснуваат во насилство.

Во мај 2002 година во судир на спротивставени групи загинале 26 луѓе, а на 1 јули во судир меѓу локалните жители на две заедници загинаа три лица, а тројца беа повредени.

Во локалната земјоделска комора регистрирани се 364 земјоделски судири од кои 32 се водат како високо ризични.