Украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска ја поздрави „личната улога“ на претседателот на Соединетите Американски Држави, Џозеф Бајден, во обид да се постигне мир во источна Украина.

– Најважното нешто што сега го гледаме е дека има вистинска реакција и лична улога на претседателот Бајден во решавањето на овој конфликт, војната на истокот од нашата земја – рече Зеленски во првата реакција на вчерашниот видеоразговор меѓу Бајден и Путин.

Зеленски на прес-конференција изјавил дека се надева оти Украина и Русија би можеле да се договорат за нов прекин на огнот и размена на затвореници кога нивните претставници денеска ќе разговараат за конфликтот во источниот украински регион Донбас.