Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, по вчерашните разговори со американскиот претседател Џозеф Бајден рече дека неговиот американски колега го уверил оти Вашингтон нема да ја напушти Украина пред „руската агресија“.

– Разговаравме за ситуацијата во Донбас, во источна Украина. Претседателот Бајден ме увери дека Украина никогаш нема да остане на цедило пред руската агресија – рече Зеленски за време на обраќањето на украинската телевизија.

Бајден и Зеленски разговарале по телефон околу 50 минути, а Зеленски исто така потенцирал дека САД се клучен партнер на Украина, објави „Ројтерс“.

– Ние стоиме рамо до рамо со Соединетите држави кога станува збор за зачувување на демократијата. Американското партнерство е клучно за Украинците – објави украинскиот претседател на „Твитер“.