Новоизбраниот украински претседател Володимир Зеленски, кој претходно ја исклучи можноста за какви било преговори со Русија, изјави дека сега сака да разговара со Москва, но Киев прво сака да се приближи до членство во НАТО, пренесува РТ.

-Подготвени сме за преговори со Русија, подготвени сме да ги исполниме договорите од Минск за мирно решавање на конфликтот во Источна Украина. Но, пред да започнат таквите разговори, Украина мора да биде способна да се одбрани и да стане посилна економски, политички и воено- рече Зеленски на заедничката прес-конференција со шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, во Брисел.

По изборот, Зеленски рече дека не гледа можност за преговори со Москва и ги повика САД да наметнат повеќе санкции. Тој, исто така, рече дека сакал да даде нов импулс за кандидатурата на Украина за влез во НАТО, бидејќи тековната руска вооружена агресија останува главен предизвик за евроатланската безбедност.

Украина аплицираше за влез во НАТО во 2008 година, но овие планови беа одложени тогашниот претседател Виктор Јанукович, кој дојде на власт две години подоцна. По револуцијата на Мајдан и соборувањето на Јанукович во 2014 година, новите власти во Киев повторно го направија членството во НАТО приоритет на надворешната политика.

Минатата година, Украина беше ставена на листата земји-аспиранти за НАТО, но шефот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, рече дека ќе треба најмалку 20 или 25 години за Украина да влезе во Алијансата.

-Се надеваме дека ќе го обновиме дијалогот меѓу Украина и НАТО на ниво на држави, влади и министри за одбрана- му рече тој на Столтенберг, додавајќи дека Украина ќе мора да спроведе реформи за да ги исполни стандардите на воениот блок предводен од САД за тоа да се случи.

За време на својата кампања за функцијата, Зеленски вети дека ќе стори сé што е можно за да го прекине воениот конфликт во Источна Украина, кој започна како реакција на државниот удар во 2014 година и одзеде повеќе од 13.000 животи, според проценките на ОН.

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека нема да има проблем да разговара со Зеленски. Сепак, тој сé уште не му честитал на новиот украински претседател за преземањето на функцијата, тврдејќи дека ќе го стори тоа дури откако ќе се реши конфликтот во Донбас и односите меѓу Москва и Киев се нормализираат.

Секретарот за медиуми во Кремљ, Дмитриј Песков, претходно изјави дека Путин и Зеленски можат да одржат разговори како дел од т.н. Норманденски формат. Москва во неколку наврати изјави дека не е страна во конфликтот во Источна Украина, но дека нејзина работа е да најде решение за конфликтот заедно со Германија, Франција и Украина.