Влегува ли Германија во „мегазаклучување“, по делумното заклучување во ноември, „зајакнато“ во декември и продолжено до крајот на јануари? Научниците ѝ укажуваат на германската канцеларка дека новиот вид на вирусот се шири од шест до осум пати побрзо… Меркел размислува за полициски час, затворање на училишта, задолжителна работа од дома, побрзи вакцинации и за носење маски

Германците се плашат да не завршат како Англичаните

Деновиве канцеларката Ангела Меркел се сретна со премиерите на сојузните држави за да се договорат за епидемиолошките мерки по 31 јануари. Експертите се за построга блокада, но и политичарите, бидејќи новиот вид на вирусот се шири од шест до осум пати побрзо, па Германците се плашат да не завршат како Англичаните.
Германците се речиси под целосна блокада, но и поголемиот дел од населението е за уште построги блокади. Ова го потврди и германскиот конзервативен медиум „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Меркел е за полициски час, затворање на училишта, задолжителна работа од дома, побрзи вакцинации и носење маски ФФП2, пишува „Шпигел“.
Група експерти што ја советуваат германската влада предупредија дека не би било добро да се прецени моменталната позитивна состојба со опаѓање на бројот на новозаразени. „Земјите како Ирска се добро предупредување за тоа колку брзо може да се поништи успехот во борбата против пандемијата“, истакна премиерот на Сарска, Тобијас Ханс (ЦДУ), за „Рајнише пост“. Ирска е првата земја во ЕУ што прогласи блокада и брилијантно одигра за намалување на бројот на заразени, но отворањето на пабовите и продавниците во пресрет на Божиќ значеше ново избувнување на пандемијата.

Само со дополнително намалување на движењето и контактите го превенира ширењето на новиот вид вирус

Ширењето на новиот вид на вирусот може да се запре само со дополнително намалување на движењето и контактите, така што една од првите препораки е официјално да се нареди сите да работат од дома доколку е можно тоа. Нема да биде доволно само да се продолжат сегашните, веќе строги мерки, предупредуваат германските научници, потребно е да се воведе полициски час и да се нареди училиштата да работат преку интернет до новото известување.
Повеќето Германци даваат поддршка за продолжување на заклучувањето, кое, како што тврдат, им обезбедува добри економски изгледи во блиска иднина. Според агенцијата „ЈуГов“, 40 проценти од нив се за засилување на мерките, а дополнителни 21 процент за одржување на постојната блокада. До 31 јануари имаат забрана за работа угостителските објекти и хотели, културно-спортските институции, отворени беа само продавниците за храна и аптеки, училиштата и градинките главно беа затворени, може да се дружите само со едно лице надвор од домаќинството. Во области каде што има повеќе од 200 нови случаи на 100.000 жители за седум дена, не е дозволено напуштање на домовите повеќе од 15 километри. Само 13 проценти од Германците моментално се за укинување на заклучувањето, а 17 проценти се за олеснување.
Градоначалникот на Хамбург, Питер Ченчер (СПД), смета дека досега преземените мерки не се доволно ефикасни. Сè уште има премногу луѓе што патуваат на работа.
– Ова го гледаме според големата употреба на автобуси и возови за време на сообраќајниот метеж. Треба да ја зголемиме работата од дома, а ако е неопходно одењето на работа, компаниите треба да го прераспоредат работното време за да го олеснат јавниот превоз – вели градоначалникот на Хамбург.
Анкетите истакнуваат дека дури 70 проценти од Германците се изјасниле да се прогласи обврска компаниите да им овозможат на сите работници да работат од дома доколку е изводливо тоа.
Исто така се разговарало и за строга забрана за напуштање на куќата, суспензија на движењето на возови и автобуси и задолжително носење поквалитетни маски ФФП2, што веќе е воведено во Баварија. Берлински „Тагесшпигел“ известува дека 56 проценти од Германците се за полициски час како, да речеме, Французите (од 16 јануари, во Франција стапи во сила полициски час од 18 часот, наместо од 20 како порано). Околу 36 проценти од Германците се против воведувањето полициски час.

Затворањето на училиштата контроверзно?

Повеќето Германци се залагаат за проширување на задолжителното носење маски ФФП2 во целата земја, што е задолжително од понеделникот во Баварија: за тоа се 60 проценти од анкетираните, а 36 проценти се согласуваат ако маските за сите бидат бесплатни. Само за затворањето на училиштата нема поддршка од мнозинството: 40 проценти од Германците се согласуваат дека училиштата треба да останат затворени, додека 37 проценти сметаат дека наставата може да се одржува во училиштата со одредени ограничувања. За нормално одвивање на училишните часови се 16 проценти од анкетираните, пишува „Тагесшпигел“.
Пред средбата со премиерите на покраините, канцеларката Ангела Меркел се состана и со нејзиниот научен совет, со научници што ја советуваа за пандемијата. Повеќето експерти се за уште построги мерки, пренесува „Шпигел“.

Ролф Апвајлер, молекуларен биолог и директор на Европскиот институт за биоинформатика во Англија, кој исто така го советува францускиот претседател Емануел Макрон, предупреди дека присуството на новиот вид коронавирус Б.1.1.7. е зголемено во ноември од 200 до 400 проценти, што остана незабележано, додека другите варијанти се намалија за 50 проценти.
Проблемот е во тоа што новиот вид резултира со шест до осум пати поголем број на месечно заразени лица, предупреди Апвајлер на состанокот со канцеларката. Постои ризик дека 2021 година ќе биде полоша од 2020 година ако не постапиме итно, предупреди вирусологот Мелани Бринкман од центарот за истражување инфекции „Хелмхолц“. Таа го поддржува целосното заклучување, какво што имавме пролетта, пренесува „Шпигел“. Целта на Владата е да се намали бројот на заразени под 50 на 100.000 жители за седум дена, додека Бринкман смета дека ова е илузорно, бидејќи и најмалиот број на заразени се заканува со нова епидемија. Мора да одиме кон нула, вели Бринкман.