Младата девојка што напуштила ветувачка кариера за да фрла молотови коктели врз полицијата, студентите кои ветуваат дека ќе ја продолжат борбата, демонстрантот што избегна апсење за да се активира во политиката и да победи… Сите тие им припаѓаат на „храбрите“, како што се познати луѓето подготвени да користат екстремни тактики во протестите во Хонгконг, што ги издвојува од мирните демонстранти, пренесува „Ал Џезира“.

Тешко е да се одреди бројот на „храбрите“, кој постојано се зголемува и чии редови се засилуваат со се помлади членови. Токму оваа група им задава најмногу главоболки на властите на Хонгконг. Токму затоа, полицијата е одлучна да се справи со нив, со цел да ги смири протестите.

Откако мирните протести во јуни не ја принудија владата да ги прифати барањата на демонстрантите за отфрлање на контроверзниот закон за екстрадиција, поекстремните акции дадоа резултати. Законот беше отфрлен по упадот во парламентот.

– Ова беше чекорот што отвори можност за радикални акции. Тоа придонесе за взаемна ескалација, во која се смета дека полицијата употребила прекумерна сила, што дополнително ја засили наклонетоста кон „храбрите“ – вели универзитетискиот професор Гери Танг.

„Владата е таа што нѐ научи дека мирните протести се бескорисни“ гласи пораката напишана од „храбрите“ на ѕид во Хонгконг.

Тврдокорните демонстранти, иако изморени, порачуваат дека ќе продолжат да се борат додека можат, како и додека уживаат во правата на уредувањето „една држава, два система“ под кое поранешната британска колонија се врати под кинеско управување во 1997 година. Се очекув Пекинг да преземе целосна контрола во 2047 година.