Украина започна дипломатска офанзива за зајакнување на поддршката од западните земји и НАТО во конфликтот со Русија во областа Донбас. Во обид да се стави крај на судирите, украинскиот претседател Владимир Зеленски побара од Западот да го почне процесот за прием на Украина во НАТО, за кој смета дека ќе претставува директна порака до Русија.

– Влезот во НАТО е единствениот начин да се стави крај на војната во Донбас – рекол Зеленски во телефонски повик со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, при што исто така побарал членките на Алијансата да го зајакнат военото присуство во Црното Море.

Барањата на Зеленски наидоа на критика од Москва, според која пристапот на Киев кон НАТО може дополнително да ја разгори ситуацијата во Донбас, додека пак, Пентагон категорично одби да ги коментира. САД истовремено ја потврдија својата посветеност на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, но одбија јавно да го поддржат повикот на Киев за побрзо пристапување кон членството во НАТО.

– Ние сме големи поддржувачи на Украина, но таквата одлука е на НАТО – изјави за новинарите портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.

Тензиите помеѓу Украина и Русија се зголемија во изминативе неколку недели, откако руската војска соопшти дека ќе одржи воени вежби во близина на границата со Украина, во кои ќе бидат вклучени повеќе од 15 илјади војници, како и дополнителна опрема и воздушни одбранбени единици. А неодамна беа забележани неколку инциденти што го прекршуваат прекинот на огнот во зоната на конфликт, при што беа убиени четворица украински војници.

Воените судири во Донбас избија во 2014 година по смената на власта во Украина и анексијата на Крим од страна на Русија. Според податоците на Обединетите нации, во конфликтот досега загинаа 13 илјади лица. Украина исто така сака тековните мировни разговори да се преместат и одржуваат подалеку од Минск, бидејќи смета дека Белорусија е под големо влијание на Русија.