Владата на Австрија следната година ќе воведе годишен билет од три евра дневно за целиот јавен превоз, вклучувајќи ја и железничката, најави австриската министерка за инфраструктура, Ленор Гевеслер.

Таа рече дека е обезбедена потребна дотација од 240 милиони евра.

Австриската Влада, со коалициски договор предвидува годишен билет од едно евро на ден за користење на јавниот превоз во една покраина, за две евра во две покраини и за три евра на ден во целата држава.

Според одлуката на Владата на Австрија, годишниот билет за целата земја ќе чини точно 1.095 евра, што е намалување во однос на сегашната цена, бидејќи само годишниот билет на австриските железници ОеББ чини за цела Австрија за втора класа скоро двојно, односно 1.944 евра.

Истовремено, Гивслер најави зголемена френквентност на ноќните возови, поради што OeББ ќе купи нови возови за 500 милиони евра.

Владата на Австрија сака ноќни возови на сите линии во земјата од 2024 година и ќе ги субвенционира со 10 милиони евра годишно.

Oвие мерки се преземаат во исто време кога се донесе одлука да се откажат летовите, кои се пократки од 350 километри, а прва „жртва” на таа одлука е летот од Виена кон Салцбург, линија што сега ќе ја преземе железницата.