Слабите гранични контроли во ЕУ го прават лесно пробивен санитарниот штит за туристите

Слабото спроведување на карантинските мерки и различните национални политики во ЕУ им овозможуваат на туристите од земјите на листата за забрана на влез во Европа поради ковид-19 да ги заобиколат рестрикциите

Туризмот во спрега со забраните за патување наметнати од пандемијата

Прекинот на сите патувања меѓу САД и Европа во рамките на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, покрај тоа што ќе влијае на околу 10.000 лета и на повеќе од два милиони патници, според некои тврдења, истовремено може сериозно да ги наруши дури и трансатлантските односи. Сепак, некои снаодливи Американци, иако им е забрането да влегуваат во Европа, бидејќи нивната држава е на листата за забрана за влез во ЕУ поради високиот број инфекции од ковид-19, периодов успеаја да докажат дека санитарниот штит сепак e пробивен. Имено, нејасните правила за пристигнување на патници од трети земји во Европа, како на пример од САД, им дозволуваат да влезат во отворената шенгенска зона на Европа, која има 26 држави, благодарение на комбинација од законски дупки, слабото спроведување на карантинските мерки и различните национални политики. Како што наведува магазинот „Политико“, некои Американци патуваат кон европските земји во кои им е дозволен влез, како Ирска, Велика Британија и други, каде што подоцна преку заобиколување на законите за спречување на ковид-19 во некои од западноевропските земји слободно транзитираат низ Стариот Континент.

Како што пишува магазинот, иако се сметаше дека за американските туристи е речиси невозможно да влезат во ЕУ, токму еден жител на Мајами успеа да го докаже спротивното, сончајќи се деновиве на плажите во Шпанија. Според „Политико“, тој пристигнал од Флорида, сојузната држава со најголем број регистрирани случаи на ковид-19 во САД, преку Велика Британија.
Во меѓувреме еден туристички агент што работи со Американци што сакаат да отпатуваат во Европа вели дека богатите туристи ги користат нивните контакти за да добијат гарантно писмо во кое се наведуваат деловни причини за да ја заобиколат забраната. Според туристичкиот агент, националните влади и аеродроми исто така даваат измешана слика за граничните контроли, што избегнувањето на контролата го прави полесно за туристите. Иако некои го дозволуваат влезот врз основа на националноста на патниците, сепак други донесуваат одлуки врз основа на државата од која патуваат туристите.
– Ова значи дека во некои случаи луѓето што доаѓаат од држава на рестриктивната листа на ЕУ може да влезат во блокот преку помалку рестриктивните трети држави, како Велика Британија, која сè уште им дозволува влез на американските граѓани – вели туристичкиот агент за „Политико“, кој сакал да остане анонимен.
Тој додава дека шенген-зоната треба да биде отворена за десетина држави со стапка на заразеност „речиси до или под европскиот просек“.

Заобиколување на правилата

Во таа насока туристот од Мајами, кој сакал да остане анонимен, изјавил за „Политико“ дека иако пристигнал од жариште на ковид-19, британските власти не барале од него да оди во самоизолација ниту му наметнувале други барања во текот на трансферот од лондонскиот аеродром „Хитроу“. Слично на тоа, шпанските власти му дозволиле влез како посетител од Велика Британија кога пристигнал во Барселона.
– Воопшто не ме испрашуваа и не знам зошто. Беше чудно што во Шпанија немаше никакви прашања и проверки, како воопшто да не беа загрижени – порача патникот, кој потоа се упатил во Валенсија и во Гранада.
Официјален претставник на шпанската влада изјавил за магазинот дека не може да коментира за одделни случаи, но државата имала систем за проверка на аеродромите за да се идентификуваат ризичните патници. Сепак, тој исто така заклучи дека неговите сонародници ги искористуваат дупките во законот за да патуваат во рамките на Европа и дека познава лица што го заобиколиле двонеделниот карантин во Велика Британија.

Дополнително, националните влади исто така даваат контрадикторни информации за тоа кому му е дозволен влез во државата. Портпаролот на германското министерство за внатрешни работи посочи дека рестрикциите се базирани на државата што патникот ја напуштил, а не на националноста и дека на луѓето што пристигнуваат од Ирска или слично нема да им се забрани влез во Германија.

Отворени врати

Паралелно на ова, вработени во патничката индустрија исто така споделија тактики што ги користат граѓаните од државите од рестриктивната листа за да влезат во Европа. Туристичкиот агент, кој исто така не сакал да се сподели неговото име, објасни дека „богатите Американци ги користат своите контакти за да добијат гарантно писмо во кое е наведено дека мора да отпатуваат поради итни, неодложни работи или деловни причини“. Повеќето држави дозволуваат влез на граѓани од држави со висока стапка на инфекција доколку имаат силна причина. Во таа насока локалните контакти во Европа пишуваат писма во кои наведуваат дека Американците мора да отпатуваат поради инвестиции или „имаат итни деловни обврски што не можат да чекаат да заврши пандемијата“. Со вакво писмо, Американците можат да добијат дозвола од конзулатот за да патуваат, иако ќе мора да ги почитуваат локалните закони и да покажат негативен тест на коронавирус.

Сепак, деновиве ЕУ се обидува да го координира европскиот одговор на границите така што Советот редовно ја обновува листата на безбедни држави, но границите остануваат под надлежност на националните влади. Портпаролот за Европската комисија истакна во порака преку електронска пошта дека Брисел „постојано“ апелирал до владите да обезбедат координативен пристап за спроведување и укинување на патните рестрикции. Во исто време, ЕУ го надгледува и одговорот од националните влади и во таа насока ќе продолжи и во август.