Велика Британија побара  да се одржи денеска состанокот на Советот за безбедност на ОН за да се разгледа случајот на труење со „новичок“.

Официјалните лица имаат намера на таа седница да ги информираат членовите на Советот за напредокот во истрагата.

На тој состанок ќе присуствува и Русија поради својот статус на член на Советот за безбедност.

Британските обвинители вчера обвинија двајца Руси за труењето со нервен агенс „новичок“, на поранешниот двоен шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Солзбери.

Обвинителството соопшти дека Александар Петров и Руслан Боширов се обвинети во отсуство за заговор за убиство, за обид за убиство и за употреба на нервен агенс „новичок“.

Обвинителот Су Хеминг изјави дека Велика Британија не бара од Москва да ги екстрадира двајца обвинети, бидејќи рускиот закон ја забранува екстрадицијата на своите граѓани.

Полицијата соопшти дека двајца мажи на возраст од 40 години допатувале во Лондон од Москва со руски пасоши два дена пред да бидат отруени таткото и ќерката Скрипал на 4-ти март.