Северна Кореја денеска ја осуди американската администрација бидејќи ги заостри санкциите и го засили притисокот врз земјата, а Пјонгјанг истовремено предупреди дека севернокорејското разоружување може да биде блокирано засекогаш.

– Вашингтон презеде казнени мерки дури осум пати против компании, поединци и бродови, не само во Северна Кореја, туку и во Русија, Кина и други трети земји -соопшти Министерството за надворешни работи на Северна Кореја.

Министерството порача дека засекогаш ќе го блокира патот кон денуклеаризација на Корејскиот полуостров доколку администрацијата на САД мисли дека засилените санкции и притисокот ќе го присилат Пјонгјанг да отстапи од нуклеарното оружје.

– Тоа ќе биде најголема и погрешна проценка, а никој не сака таков резултат – се додава во соопштението.

Северна Кореја одговори откако САД во понеделникот соопштија дека вовеле санкции за тројца севернокорејски официјални претставници, вклучувајќи и висок помошник на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, поради наводно кршење на човекови права.