Борбата на меѓународната коалиција со последните борци од т.н. „Исламска држава“ во долината на Еуфрат во Сирија може да потрае уште „најмалку два до три месеци”, нагласи командантот на француските сили во коалицијата, генерал Франсоа Парисо.

– Се уште учествуваме во борбите што би можеле да траат барем два до три месеци, иако последните борци од ИД држат територија што се проценува на само „30 х 10 км“ – изјави генерал Парисо на теле-конференција со новинари од Пентагон.

Областа што е под контрола на ИД е во долината на Еуфрат, меѓу Хаџин и Букамал, во провинцијата Деир Езор, на исток во државата, додаде тој, оценувајќи дека ИД се уште има „стотици” борци.

– Се надеваме дека во следните неколку недели ќе ги уништиме тие бази – наведе воениот претставник, кој е во Командата на меѓународната коалиција под американско раководство.

Нагласи дека тоа ќе биде крај на која било област под контрола на ИД.

– Кога еднаш целосно физички ќе го отстраниме поранешниот „калифат” на ИД во Сирија, силите на меѓународната коалиција ќе останат на терен за да спречат повторно воспоставување – појасни генералот.

Џихадистичката група во голема мера е потисната од огромната територија што ја освои во 2014 година во Ирак и во Сирија.

Но, џихадистите се уште се присутни на југозапад, каде се на удар на воздушни напади на сирискиот режим и негови сојузници. Групи на ИД се активни во провинцијата Идлиб, во северозападниот дел на Сирија и во ирачката пустина, на границата со Сирија.