Италијанскиот Инситут за мултиетнички студии соопшти дека во последните десет години регистрирани се околу 1,1 милион нови Италијанци, од кои 224.000 само лани.

Според статистичките податови, италијанско државјанство добиле 189.000 албански граѓани, што претставува 16,6 отсто од вкупниот број. Со тоа албанските граѓани се на второ место на списокот на странци кои добиле државјанство на Италија, веднаш зад Мароканците.

Се проценува дека со потребна документација моментно во Италија престојуваат над 440.000 албански државијани.

Инаку, во извештајот на Институтот се оценува дека последните години се забележува константен раст на бројот на мигранти кои станале Италијанци.

– Во 2012 година бројот на странците кои добиле италијанско државјанство изнесувал околу 65.000, следната 101.000, во 2014 – 130.000, во 2015 година – 178.000, во 2016 година – 202.000 и лани 224.000. Најголемот број од новите Италијанци живеат во регионот Ломбардија, стои во извештајот.

Дека расте бројот на албанските граѓани кои користат и најмала можност да ја напуштат земјата за подобар живот, говори и фактот што годинава на Лотаријата на САД за иселенички визи (Зелена карта) аплицирале 367.231 државјани на Албанија.