Унгарскиот европратеник Јозеф Сајер (59) од десничарската партија на Виктор Орбан, Фидеш, во петокот бил фатен при обид за бегство по полициска рација во стан во центарот на Брисел, во кој според очевидците, се одвивала секс-забава со присуство на дваесетина мажи, од кои барем уште двајца биле дипломати од ЕУ. Полицијата упаднала со цел да го спречи кршењето на превентивните мерки против ширење на ковид-19, како што пренесуваат светските медиуми.

Како што објавија белгиските медиуми, спорната забава била организирана над геј барот „Ле Детур“, во центарот на Брисел, во петокот навечер за време на полициски час. „Прекинавме оргии!“ рекол извор за белгискиот весник „Ла Дерние ер“ (ДХ), додавајќи дека повеќето од присутните биле мажи и сите биле казнети за прекршување на мерките против коронавирусот.

Спорната забава била организирана над геј барот „Ле Детур“, во центарот на Брисел

Сајер се обидел да избега преку прозорец од станот, а во ранец што го носел биле пронајдени наркотици. Тој потоа бил спроведен од полицијата до неговото живеалиште, каде што искористил дипломатски пасош за идентификација, како што соопшти белгиското обвинителство.

Два дена подоцна, Сајер поднесе оставка на функцијата, извинувајќи се за кршење на прописите. Тој призна дека бил на забавата, но негираше дека поседувал дрога.

 – Се појави напис во белгиските медиуми за куќна забава во Брисел во петокот, на која јас присуствував. Откако полицијата ме праша за мојот идентитет, кажав дека сум европратеник, бидејќи немав документи за лична идентификација. Не користев дрога. И понудив на полицијата да направи брз тест, но тие не го сторија тоа. Полицијата кажа дека нашла таблета екстази. Таа не е моја. Не знам кој и како ја оставил таму. Дадов изјава за полицијата – кажа посрамениот унгарски дипломат.

Сајер кој е во брак со Тинде Хандо, истакнатата унгарска адвокатка и судијка со која имаат ќерка, побара прошка од семејството во неговата изјава.

Сајер е познат по подготвувањето на нацрт-измените на новиот унгарски устав од 2012 година, кои го дефинираат бракот како заедница помеѓу маж и жена и со кој се бара заштита на „христијанските вредности“. Владата на унгарскиот премиер Орбан во изминатата деценија ја засноваше политичката програма врз заштитата на семејните вредности, честопати користејќи анти-ЛГБТ реторика.

Пратениците во европскиот парламент не можат да бидат цел на испрашување, задржување во полиција или на законски процедури поради нивните политички ставови, но немаат имунитет при починето криминално дело. Белгиското обвинителство соопшти дека Сајер е под истрага поради поседувањето наркотици.