Колку повеќе ја следи својата политика на санкции против Русија, толку повеќе ЕУ се турка себеси во ќорсокак, вели портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

– Овој чекор го оценуваме како уште една пропуштена шанса да се излезе од ќорсокакот во кој ЕУ се става себеси поврзувајќи ја иднината на односите со нашата земја со ситуацијата во Украина. Проблемот со рестриктивните мерки произлегува директно од апсолутно деструктивната политика избрана од бриселските дипломати и европските структури, форсирајќи обвинувачки тон кон нашата земја – рече Захарова.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи посочи дека ЕУ наместо да го прифати предлогот на Русија да бараат заеднички решенија, претпочита да ја следи политиката што ја водеше досега, проширувајќи ги рестриктивните механизми против Русија и воведувајќи нови, пренесе ТАСС.

Русија ја повикува ЕУ да се откаже од таквите методи што се спротивни на нормите и духот на меѓународното право, посочи Захарова.

ЕУ ги продолжи на шест месеци, односно до 15 март 2021 година санкциите против руски и украински граѓани и правни лица воведени во 2014 година.