Политичката ситуација во Боливија, по заминувањето од власт на претседателот Ево Моралес, личи на украински „Мајдан“ од 2004 година, изјави портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.

Таа потсети дека од претседателските избори во Боливија помина повеќе од еден месец.

– Меѓутоа, Организацијата на американските држави сè уште нема конечен заклучок за резултатите од ревизијата на изборниот процес. Значи, одлуката за отстранување на претседателскиот кандидат е усвоена, но никој не знае врз основа на што – напиша Захарова на Фејсбук.

Според податоците од латиноамериканскиот Стратешки центар, извештајот за изборниот процес на шефот на Организацијата на американските држави, Луис Алмагро, не содржи ниеден доказ кој би потврдил неправилности во текот на претседателските избори во Боливија.

– Се покажа дека е тоа обичен латиноамерикански ‘Мајдан’ како оној во Украина од 2004 година кога Западот не ги призна резултатите од гласањето во вториот круг на претседателските избори. Разликата е во тоа што Виктор Јанукович, кој победи на изборите, не ја напушти Украина, туку ги прифати условите на игра во форма на трет круг за време на кој Западот го наметна неговиот ривал Виктор Јушченко – напиша Захарова.

Таа исто така забележа дека веќе во првите денови на новата функција вршителката на должност претседател на Боливија, Жанин Ањез, најави намера да воспостави дипломатски односи со САД и да испрати амбасадор во Вашингтон.

– Сето тоа се случува надвор од овластувањата на преодната влада и паралелно со протерувањето на целиот дипломатски персонал од Амбасадата на Венецуела, прогласувањето на венецуелсиот опозиционер Хуан Гваидо за привремен претседател на Венецуела, повикувањето на неговите диплмати во Ла Паз, повлекувањето од Боливарскиот сојуз на народите на „Наша Америка“ и почетокот на постапката за повлекување од Сојузот на јужноамериканските нации – вели Захарова.

Таа истакна дека Моралес ги предвидел сите овие настани кога уште пред 10 години го прогласи амбасадорот на САД, Филип Голдберг, за персона нон грата и притоа го обвини за заговор против неговата администрација. Меѓутоа, тоа не ја спаси Боливија од мешањето на Вашингтон и реализацијата на разработеното сценарио.