Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека ресорниот министер Сергеј Лавров засега не планра да ја откаже есенската посета на Грција и покрај одлуката на Атина да протера двајца руски дипломати и да им забрани влез на уште двајца.

Грција ги обвини руските дипломати дека се мешале во внатрешните грчки политички прашања, а според грчките медиуми, тие поттикнувале протести против договорот меѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас за името.

Портпаролката на руското Министерство, Марија Захарова изјави дека поканата за средба со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас била добиена пред неколку месеци и засега се уште се планира за наесен.

– Но, во моментов не се вршат подготовки за средбата. Ако се земе предвид актуелната состојба, не е јасно како иницијално би можело да се реализира таа посета, изјави Захарова.

САД го поздравија грчкиот потег и ја повикаа Русија да не се меша во грчките внатрешни работи. Русија грчкиот потег го оцени како апсолутно неоснова и непоткрепен со факти.

– Јасно е дека зад антируското однесување на грчката Влада стои Вашингтон, обвини Захарова.