Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на Фејсбук напиша дека изјавата на францускиот претседател, Емануел Макрон, дека НАТО е во состојба на мозочна смрт ја одразува вистината.

– Колку е тоа точно. Изјавата ја одразува вистината. Тоа е јасна дефиниција на сегашната состојба на НАТО – оцени Захарова.

– Што точно Европа може да стори за контрола на својата судбина? Во 20 век имаше две војни, во 19 век и пред тоа – бесконечен број локални војни, како и активности на ширење идеи со помош на копја и мечеви – додаде портпаролката.

Таа дополни дека процесите што се случиле по потпишувањето 14 точки од Вудро Вилсон, кои еволуирале за време на Втората светска војна и се развиле во економска и политичка интеграција на Европа, помогнале да се излезе на крај со главните задачи за запирање на бесконечните европски поделби.

– Тие исто така доведоа и до криза на идентитетот и развојот – заклучува Захарова.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, во интервјуто за списанието „Економист“ тврди дека НАТО се наоѓа во состојба на мозочна смрт, а Европа е на работ на амбис.

Во интервјуто Макрон ги предупредува европските земји членки дека веќе не може да се потпираат на САД, односно дека од САД веќе не може да се очекува да застанат во одбрана на земјите членки на алијансата.