Околу 30 земји низ светот во моментов ги прекинале своите кампањи за сипаници поради појавата на пандемијата. Во меѓувреме 18 од нив веќе пријавија присуство на нови епидемии. Според Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ, во моментов околу 178 милиони луѓе се изложени на ризик од смрт поради опасните сипаници токму поради пренасочувањето на фокусот на владите кон справување со коронавирусот

­Додека сиромашните земји низ светот не се во можност да се справат со опасниот и смртоносен коронавирус и сите напори се свртени кон масовната имунизација на нивните општества од пандемијата, истовремено тие ненамерно потфрлија во спречување на ширењето на веќе познатите зарази за кои постојат лек и вакцина. Таквиот начин на работа на владите на глобално ниво, според здравствените експерти, во моментов е крајно опасен и алармантен за човештвото, пишува весникот „Њујорк тајмс“.

– Околу 30 земји низ светот во моментов ги прекинале своите кампањи за сипаници поради појавата на пандемијата. Во меѓувреме 18 од нив веќе пријавија присуство на нови епидемии. Од друга страна, дополнителни 13 држави веќе размислуваат за одложување на ваквиот чекор односно повторно вакцинирање на населението од сипаници поради ковид-19. Според Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ, во моментов околу 178 милиони луѓе се изложени на ризик од смрт од опасните сипаници токму поради пренасочувањето на фокусот на владите кон коронавирусот – пишува „Њујорк тајмс“. Угледниот американски весник наведува дека како пандемијата полека се стопира, СЗО и други меѓународни здравствени организации за јавно здравје сѐ поотворено ги повикуваат земјите внимателно да продолжат со вакцинацијата на своето население паралелно додека се борат со коронавирусот.

– Имунизацијата е една од најмоќните и основни алатки за превенција на болести во историјата на јавното здравство. Нарушувањето на таквиот процес и префрлањето на ресурсите за спречување на пандемијата на ковид-19 може да ги уништи децениската работа и напредокот против болестите што можат лесно да се спречат со вакцини, како што се сипаниците – вели д-р Тедрос Адхнам, генерален директор на СЗО. Според него, постојат многу пречки за рестартирање на овие потреби за населението бидејќи здравствените работници сѐ повеќе работат со полно работно време во насока на спречување на ширењето на ковид-19 што е предизвикано од коронавирусот. Дополнително новиот бран на пандемијата истовремено ги држи родителите надвор од клиниките и не им овозможува пристап до здравствените установи каде што се врши вакцинација на нивните деца од сипаници и други вирусни заболувања.

– Имаме земји што се обидуваат да закрепнат од ковид-19, а потоа се соочуваат со епидемија на сипаници. Тоа дополнително ќе ги истенчи нивните здравствени системи и понатаму можат да се соочат со сериозни економски, но и хуманитарни последици – вели д-р Робин Нанди, шеф за имунизација при УНИЦЕФ, организација што доставува вакцини во 100 земји низ светот.

Во 2018 година, последна година за која се собрани податоци низ светот, имало скоро 10 милиони случаи на сипаници и 142.300 поврзани смртни случаи од истите тие. Интересно е што тогаш глобалните програми за имунизација беа поцврсти во споредба со денешните, кои се насочени кон заштита на граѓаните од опасниот коронавирус.

– Пред пандемијата на коронавирусот во Етиопија речиси 91 отсто од децата во главниот град Адис Абеба ја добија својата прва вакцинација против сипаници за време на рутинските посети во градските клиники. За да се спречи појавата на заразната болест како што се сипаниците, оптималното покритие на населението треба да биде околу 95 проценти или повисоко, со две дози вакцина за да се спречи каква било епидемија. Кога се појави пандемијата, земјата ја прекина својата априлска кампања за мали сипаници, а деновиве Владата продолжува да известува за екстремниот број нови случаи на лица заразени од овчи сипаници односно варичела – вели д-р Мет О’Брајан, преставник на СЗО. Тој додава дека насочувањето на напорите на здравствените институции во светот единствено кон спречувањето на коронавирусот предизвика паралелен вирусен бум, овој пат од сипаници.

Подготвил: Дејан Србиновски