Политичкото насилство не и е непознато на Австрија. „Карлос шакалот“ таму ги држеше во заложништво министрите за енергија и нафта на ОПЕК во 1975 година. Оттогаш, атентатите во главниот град на Австрија однесоа животи на голем број Курди и Чеченци. Но, досега не се случило во напад да настрада невино население, како што беше случај со терористичките напади во Лондон, Париз и во Мадрид. Тоа се промени со последниот оружен напад извршен завчера, пишува „Економист“. 

По оружениот напад во Виена за кој е осомничен Кујтим Фејзулаи, австриските власти открија дека тој бил радикализиран како тинејџер, во април 2019 година, а бил осуден за терористички прекршоци и издржувал затворска казна од 22 месеци откако властите го спречија неговиот план да им се придружи на борците на Исламска држава (ИД) во Сирија. Тој бил ослободен порано од истекувањето на неговата затворска казна. Одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава во изјавата објавена на Телеграм, заедно со слика на претпоставениот напаѓач. 

Иако потсетуваат на крвави сцени од минатото, сепак, последните терористички напади на тлото на Европа во Дрезден, Париз и Ница, како и Авињон, не се споредливи со крвопролевањето од 2015 и 2016 година, кога исламистичките терористи убија 12 лица во канцелариите на весникот „Шарл Ббдо“ во јануари 2015 година, 131 лице на повеќе места во Париз во ноември истата година и 86 лица во Ница следниот јули. 

Оттогаш, сепак, џихадизмот во Европа значително опаѓа. Според податоци од Европол, бројот на успешно извршени исламистички напади опаѓаше секоја година до минатата, додека бројот на неуспешни терористички напади е во пораст. Десет лица беа убиени во 2019 година, а тоа е последната година за која има достапни податоци. 

Голем број од нападите се поврзуваат со ИД, која го оформи Калифатот на териториите на Сирија и Ирак во 2014 година, а беше потпомогната од 5.000 борци со потекло од Европа. Калифатот беше соборен во 2019 година, претежно од ирачки и сириски курдски сили поддржани од американски специјалци и воздушни сили. Иако европските безбедносни служби стравуваа дека враќањето на борците од ИД ќе ја надмине нивната можност да ги следат осомничените, во пракса, ветераните на ИД не се покажаа толку опасни како што на почетокот се стравуваше. Сепак, нивната идеологија и понатаму е цврста. 

Ниеден од последните терористички напади нема поврзаност со Сирија. Иако напаѓачот од Дрезден регрутирал борци во име на ИД и симнувал терористички прирачници од Интернет, европските безбедносни сили веруваат дека тој бил радикализиран во Европа, пет години откако се вратил од Сирија. Убиецот на наставникот во Франција имал 12 години кога ИД беше на својот врв, така што немало шанса тој да се бори во Сирија, а затоа бил непознат за француските власти. Проблемот, се чини, е кај оние со полабави врски со џихадистичкиот екосистем.

– Пропагандата сѐ уште останува сериозен проблем. Огромно количество на материјали кои поттикнуваат и величат тероризам продолжуваат да циркулираат на Интернет – вели Џулијан Кинг, кој до јануари служеше како европски комесар за безбедност.

Европскиот парламент понуди предлози за акција за отстранување на пропагандата преку Интернет, пред речиси две години, додава тој.

Но, постои уште еден проблем. Раното ослободување на симпатизерите на џихадизмот од затворите. Фејзулаи бил порано пуштен од затвор, а напаѓачот во Ница го извршил нападот само пет дена откако бил на слобода. Иако Фејзулаи бил во програма за дерадикализација, тоа очигледно било неуспешен чекор. Сличен случај е и со терористот кој изврши напад на Лондонскиот мост во ноември 2019 година, кој исто така учествувал во две програми за рехабилитација додека бил во затвор, а се покажало дека ниту една од нив не е ефективна. 

– Тоа го одразува поширокиот неуспех на политиката за борба против тероризмот. Во многу европски земји, приоритет е тие да бидат затворени, а потоа се заборава на нив. Многумина од терористите дополнително се радикализираат во затворите. Она што го гледаме денес е движење кое беше деморализирано по падот на „Калифатот“, а сега добива една нова форма и цел, засилена од судирот на францускиот претседател Емануел Макрон кој застана во одбрана на слободниот говор по нападите во Франција, и лидерите од муслиманските земји – вели Питер Нојман од Кралскиот колеџ во Лондон.