Болницата во Охајо, каде што беше опериран познатиот астронаут Нил Армстронг, постигна спогодба со неговото семејство за исплата на шест милиони долари отштета поради постоперативните компликации што довеле до неговата смрт во 2012 година.

Со спогодбата од 2014 година, парите се доделуваат на десет члена од семејството на Армстронг, но не и на вдовицата Керол, покажуваат судските документи, пренесува „АП“.

Нил Армстронг бил примен во болницата во август 2012 година заради кардиоваскуларна операција, но имал постоперативни компликации по што тој починал, според семејната тужба.

Болницата ги бранеше постапките во лекувањето, но на семејството му исплати пари за да остане случајот во тајност и да се избегне негативен публицитет, според документите, пишува „Њујорк тајмс”.

Пред два дена се навршија 50 години откако Нил Армстронг како прв човек стапна на Месечината.