Се очекува Џон Вокер Линд (лево) утре да излезе на слобода

Џон Вокер Линд, познат како „американскиот талибанец“ беше заробен за време на инвазијата на Авганистан пролетта 2001 година. За утре е одредено тој да го напушти федералниот затвор во „Тер Хоут“, условно ослободен по отслужување на 17 од казна затвор во траење од 20 години за обезбедување на поддршка на Талибанците.

Линд (38), неговите родители, адвокати и обвинители одбија да откријат каде тој ќе живее и кои се неговите планови по излегувањето од затвор. Тој во затворот бил опишан како затвореник кој не комуницирал со околината.

– Од она што го слушам во Владата, тој сѐ уште се смета за радикал, исто како и денот кога беше затворен – изјавил Симус Хјуз, заменик-директорот на програмата за екстремизам на универзитетот „Џорџ Вашингтон“.

Како услови за ослобудувањето на Линд, судијата од окружниот суд на САД во Александрија кој го водел процесот и ја изрекол обвинителната пресуда на Линд, одреди огромни ограничувања.

На Линд му се забранува користење на Интернет и поседување на веб-уреди без претходна дозвола од неговиот полициски службеник задолжен за условната казна. Исто така, му се забранува да патува во странство и да извади пасош или каква било друга патна исправа.

Џони Спен, татко на оперативецот на ЦИА, Џони Мајкл Спен (32), кој беше убиен во Авганистан, е огорчен поради одлуката на судот Линд да биде пуштен од затвор, додавајќи дека на таква личност не може да и се верува.

– Мајкл Спен беше личност која веруваше во владеењето на правото, тој затоа и се приклучи на ЦИА од поморскиот корпус. Тој никогаш не би се согласил предавник да биде осуден на 20 години казна затвор. Тој треба да биде доживотно затворен – изјавил тој.