Случајот на тинејџерката Шамима Бегум (19) која побара да се врати во Велика Британија, откако претходно избега за да и се придружи на Исламската држава (ИД) во Сирија, го отвори прашањето за тоа како државите треба да постапат со џихадистите-повратници и со нивните семејства, пренесуваат светските медиуми.

Случајот ги претставува законските и моралните дилеми со кои државите се соочуваат, со наближувањето на поразот на терористичката организација во Сирија, по кој стотици, потенцијално и илјадници џихадисти, кои сега се затворени или во бегалски кампови, ќе бараат да се вратат во нивните матични држави.

Не постои значителна политичка волја во Европа за допуштање на враќањето на поранешните борци на ИД, за што доказ претставува и одлуката за одземање на државјанството на Бегум, од страна на британското министерство за внатрешни работи.

На врвот на моќта, ИД контролираше подрачје со големина на Велика Британија, на кое имаше 10 милиони луѓе. Се проценуваше дека на тоа подрачје се наоѓале повеќе од 40 илјади странци од 80 држави според податоците на Меѓународниот центар за проучување на радикализацијата (МЦПР). ИД сега контролира мало парче територија од неколку стотини квадратни метри, соочувајќи се со жестоки напади на Сириските демократски сили (СДС), кои држат во притвор илјадници членови на озлогласената терористичка организација, вклучувајќи мажи, жени и деца.

– Многу држави немаат договори за екстрадиција со Сирија, ниту волја да испратат претставници на подрачјето на кое се води војна – објаснува Џоана Кук од МЦПР.

Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна се закани дека ќе ги пушти од притвор илјадници борци на ИД заробени во Сирија, доколку европските држави не се согласат да ги примат назад. Од друга страна, американскиот државен секретар Мајк Помпео истакна дека Хода Мутхана (24), која го напуштила нејзиниот дом во Алабама, САД, каде што е родена, за да се приклучи на ИД во 2014 година, нема да добие американско државјанство, со што не постои правна можност за нејзиното враќање дома.

Засега мал број на држави дозволија враќање на борците на ИД. Тоа го сторија Русија, Индонезија, Либан и Судан, кои допуштија враќање на џихадистите од Сирија и од Ирак. Франција, пак, ја разгледува можноста за репатријација на околу 130 радикални исламисти, а германското министерство за надворешни работи соопшти дека „ги испитува потенцијалните можности за овозможување на германските државјани да ја напуштат Сирија“. Познавачите на состојбата посочуваат оти Велика Британија, на пример, „нема правна обврска да ги собере луѓето од затворите на СДС“.