Зошто европските земји го запреа извозот на оружје за Турција, но не го сторија истото за Саудиска Арабија?

Неколку европски земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција и Германија, привремено го стопираа извозот на оружје за Турција поради извршениот воен упад во северот на Сирија, пренесува „Јуроњуз“.

Според Сириската опсерваторија за човекови права, воената операција, која беше со времетраење од една недела, резултираше со смртта на стотици курдски борци од Сириските демократски сили (СДС).

Но, оваа операција исто така го сврте вниманието на европските земји кон еден друг партнер на блокот, Саудиска Арабија, која е во контраверзна војна со Јемен. Коалицијата, предводена од Саудиска Арабија, се бори против бунтовниците во Јемен од 2015 година, конфликт што резултираше со околу 18.000 мртви и повредени. А се верува дека бројот на жртви е многу повисок.

Повеќе европски земји имаа задоцнета реакција кога станува збор за договорот за оружје со Саудиска Арабија, додека одредени земји воопшто не се огласија во врска со зделката.

Затоа останува прашањето зошто европските држави би го стопирале тргувањето на оружје со Турција поради воената операција, но не го прават истото со Саудиска Арабија?

Постојат многубројни причини, но две се издвојуваат – профитот и сојузништво. Велика Британија, Франција, Шпанија, Италија и Германија се меѓу десетте најголеми извезувачи на оружје во светот, додека Саудиска Арабија е најголемиот увозник. Турција се наоѓа на 13-тото место на увезувачи на оружје.

Помеѓу 2013 и 2017 година, САД биле најголемите снабдувачи со оружје на Саудиска Арабија со 61 отсто, а потоа следеле Велика Британија со 23 отсто, Франција со 3,6 отсто, Шпанија со 2,4 отсто и Германија со 1,8 отсто.

Од една страна, покрај тоа што Турција е членка на НАТО, таа е долгогодишен клиент за купување оружје на Германија. Но, со воениот упад во Сирија против курдските сили, настанува проблем со две европски сојузништва. Курдите се исто така долгогодишни сојузници на САД и на западноевропските земји во борбата против Исламската држава, а географската близина на Турција е исто така причина за укинување на снабдувањето со оружје.

За споредба, војната во Јемен која ја води Саудиска Арабија нема директно влијание врз политиките на Европа и не предизвикува закана од зголемување на бројот на мигранти и потенцијални терористички напади на европското тло.

Во одлуките на европските земји, покрај профитот улога имаат и моралните убедувања. Така, моралот и хуманоста имаат помала улога во однос на бизнисот за Франција и Велика Британија, за разлика од Шведска, Германија и Норвешка, според Питер Веземан, истражувач од Меѓународниот институт за мировни истражувања во Стокхолм.