Со тричасовно одложување, во Анкара започна трилатералната средба меѓу лидерите на Русија, Иран и Турција, земјите гаранти во процесот Астана, за Сирија.

Од 2017 година тоа е петти самит по прашањето меѓу турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, чија земја ја поддржува сириската опозиција, рускиот претседател Владимир Путин и иранскиот претседател Хасан Рохани, чии земји го поддржуваат режимот на Дамаск.

-Можеме да одлучиме за конкретни мерки за гаснење на пожарот во Сирија. Одржувањето надеж за можно политичко решение за кризата во Сирија е нешто што зависи од нашите напори – истакна Ердоган на отворањето на Самитот.

Путин, од своја страна, ја истакна потребата за продолжување на бескомпромисната војна против терористите во Сирија, таргетирајќи вооружени групи во кои доминираат џихадисти што го контролираат Идлиб.

-Зоната на деескалација не треба да служи како терен за вооружени провокации. Треба да преземеме дополнителни мерки за целосно да ја победиме терористичката закана што доаѓа од областа Идлиб – истакна Путин.

Иранскиот лидер, сепак, ја истакна потребата да се постават темелите за враќање на безбедноста во Сирија и тврди дека дипломатијата, а не конфронтацијата, ќе обезбедат мир во таа земја.

Рохани изрази надеж дека соработката меѓу Иран, Русија и Турција може да помогне во решавањето на кризата во Сирија, како и сите други регионални кризи.