Пет лица се уапсени, а конфискувани се и околу половина тон кокаин и 520 грама кристал-мет скриени во кабината на брод кај Азорските острови во Португалија, соопшти денеска Европол.

Во рамки на истрагата бил извршен претрес и во седум куќи.

Во операцијата, предводена од шпанската полиција заедно со одделот за наркотици на Европол, пресретнат бил брод за кој е утврдено дека најпрво од Валенсија отпловил кон Бразил, а потоа од Бразил кон Азорските острови.

Штом бродот пристигнал во пристаништето, португалската и шпанската полиција упаднале на него и ги уапсиле членовите на екипажот.

Покрај дрогата, запленети се оружје, пари и наутички материјал.

Уапсените се идентификувани како членови на меѓународна криминална група вклучена во разни нелегални активности во Шпанија.