Неодамнешните инциденти во зоната на конфликт и воените вежби на руската војска долж границата со Украина доведоа до стравувања за обновување на судирите во источна Украина. САД внимателно ја следат ситуацијата, додека Москва упати предупредување до Западот, откако се соочи со обвинувања од Киев.

Украинските безбедносни експерти тврдат дека Русија го наведува Западот кон компромис, додека нивните руски колеги сметаат оти Москва би можела да покрене воена акција во регионот на Донбас, ако има потреба да ги заштити нејзините државјани кои живеат таму.

Заменик-директорот на Украинскиот центар за воени студии, Михаило Самус, ја опиша неодамнешната руска воена активност долж украинско-руската граница како информациско и психолошко војување за создавање дополнителен притисок врз Украина, Франција, Германија и врз САД, како и за стекнување придобивки, особено за гасоводот „Северен тек 2“.

– Москва нема причина за иницирање на таков напад, бидејќи резултатите би биле непредвидливи. Затоа шансите за руска воена акција не се поголеми во однос на минатата година – вели Самус, додавајќи дека руската воена активност е поврзана со политиката, односно со претстојните парламентарни избори во Русија.

Денис Москалик од украинскиот Национален институт за стратешки студии наведе дека воен конфликт е можен, но и дека не се очекува во блиска иднина. Од друга страна, рускиот безбедносен експерт Виктор Литовкин, смета дека Русија нема да седи мирно, ако Украина почне воена акција насочена кон Донбас.

– Повеќето од жителите на Донбас се руски државјани. Затоа Русија би можела да интервенира за да ги заштити своите државјани – објаснува Литовкин.

Врховниот командант на украинските воени сили, Руслан Хомчак, во вторникот изјави дека Русија распоредила воени сили во близина на украинската граница поради вежби. Руската војска соопшти дека ќе одржи воени вежби во близина на границата со Украина, во кои ќе бидат вклучени повеќе од 15 илјади војници, како и дополнителна опрема и воздушни одбранбени единици. Претходно, американскиот секретар за одбрана, Денис Лојд, во разговор со украинскиот колега ветил дека САД ќе бидат на страната на Украина во случај на зголемување на руското непријателство, како што објави „Дојче веле“, а неговите изјави биле потврдени и од американскиот претседател Џо Бајден кој се слушна телефонски со претседателот на Украина Владимир Зеленски.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека Русија ги распоредила воените сили на нејзина територија и оти тие не претставуваат закана за никого. Русија завчера го предупреди Западот да не испраќа трупи во источна Украина, откако Киев ја обвини Москва за зголемување на военото присуство на границата. Песков додаде оти пристуството на трупите на НАТО несомнено би довело до дополнителни тензии.

Неодамнешните инциденти во регионот ги зголемија стравувањата за обновување на судирите. Неодамна беа убиени четворица украински војници во зоната на конфликт. За ситуацијата разговараа рускиот претседател Владимир Путин, франускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел.

Воените судири во регионот избија во 2014 година по смената на власта во Украина и анексијата на Крим од страна на Русија. Во конфликтот загинаа 13 илјади лица според податоците на Обединетите нации.