Тесната воена соработка помеѓу Москва и Пекинг во наредната деценија ќе претставува доволно голем геополитички предизвик за Западот и западните политичари, оценува американски „Стратфор“

Поголемиот дел западни политичари и аналитичари сметаат дека сѐ позасилените воени врски помеѓу Русија и Кина се неубедливи и претежно поттикнати од кратковидите политики на САД, како и дека ќе бидат поткопани од различните национални интереси и заемната недоверба помеѓу двете земји. Сепак, Западот треба да биде внимателен, бидејќи врските помеѓу руската и кинеската армија дополнително ќе се продлабочуваат во претстојната декада. Можеби сето тоа нема да резултира со формална воена алијанса, како западниот НАТО, но тесната воена соработка помеѓу Москва и Пекинг ќе претставува доволно голем геополитички предизвик, оценува американски „Стратфор“.

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис во септември порача дека „нема големи изгледи за приближување на Русија и Кина на долг рок“. На прв поглед, изгледа дека Матис не греши со процената. Па, така, според „Стратфор“, на пример, Русија има блиски воени врски со Индија и со Виетнам, кои вклучуваат и продажба на руска напредна воена технологија, како што се противвоздушните системи со голем дострел и јуришните подморници. Во исто време, двете земји се заглавени во територијални спорови со Кина. Индија и Виетнам исто така го сметаат Пекинг за долгорочна воена закана. Дополнително, Русија останува сомнително неутрална во однос на актуелните поморски спорови на Кина во Источно и Јужно Кинеско Море. За возврат, Кина јавно не ја поддржа руската анексија на делови од Украина. Покрај тоа, Русија се чувствува загрозено од кинеското навлегување во Централна Азија преку иницијативата „Појас и пат“, која ја поткопува руската доминација во регионот, вклучувајќи ја и Евроазиската економска унија.

Сите овие работи на прв поглед укажуваат дека се мали шансите за стратегиско воено партнерство помеѓу Москва и Пекинг. Двете земји исто така немаат формален безбедносен пакт, што ги обврзува да застанат во одбрана доколку некоја е нападната во случај на воен конфликт.

Но доколку се погледне подлабоко, станува јасно дека Русија и Кина навистина би можеле да формираат посилно воено стратегиско партнерство, нешто за што Западот би требало да се загрижи. Основата за воените односи помеѓу Кина и Русија е билатералниот договор за добрососедство и пријателска соработка од 2001 година. Членот 9 од договорот предвидува дека „доколку една од потписничките смета дека мирот е под закана и поткопан, или, пак, нејзините безбедносни интереси се вклучени или се соочува со закана од агресија, потписничките треба веднаш да контактираат и да се советуваат за да се елиминираат таквите закани“. На оваа одредба може да се гледа како на имплицитна посветеност на заемна одбрана. Од друга страна, Кина и Русија повеќе од десет години спроведуваат големи билатерални воени вежби, т.н. Мировна мисија, кои главно вклучуваат воздушни и копнени сили од двете сили, а тука се и поморските вежби, т.н. Заеднички мориња. Ако се земат предвид и помалите маневри, како што се вежбите за симулација на одбрана од балистички проектили, тогаш годишно се одржуваат четири-пет руско-кинески воени маневри, кои стануваат сѐ посложени и поголеми.

Во септември 2018 година, кинеската армија учествуваше со 3.500 војници, 900 артилериски орудија и 30 авиони, во најголемите руски воени вежби во изминатите четири децении, кои се одржаа на Сибир и источна Русија.

Интересен е и фактот дека кинеско-руските воени маневри од изминатата деценија беа спроведувани на руски јазик, користејќи заеднички командни шифри на рускиот команден центар. Тоа во најголем дел е резултат на тоа што голем број кинески офицери студираат на руските воени академии.

Кина и Русија исто така продолжуваат со продлабочување на соработката на полето на воена технологија. Кина, според некои анализи, за десет години ќе има мала потреба од руска воена опрема, ако се земат предвид големите инвестиции на земјата за истражување и производство на домашно оружје. Поради тоа, воопшто не е изненадувачки што Москва забрзано му продава на Пекинг некои од најнапредните руски оружја, како што се авионите „сухој су-35с“ и системот „с-400“, знаејќи дека кинескиот пазар наскоро ќе се засити за увоз од Русија. Покрај тоа, заедничката загриженост поради американските постапки и политики најверојатно само дополнително ќе ги зацврсти кинеско-руските односи. Во деценијата што претстои не само што треба да очекуваме зголемување на размерот и сложеноста на руско-кинеските воени вежби туку треба да очекуваме и засилена соработка на полето на воената технологија помеѓу двете земји. Неодамнешната испорака н „су-35с“ и „с-400“ ќе ги зголеми размената на воен персонал и бројот на заеднички обуки, како и споделувањето на оперативното искуство меѓу двете армии. Поради сето тоа, поблиските руско-кинески воени врски не треба да се ограничат само на воена алијанса. Кина историски избегнува каков било тип формални сојузи и најверојатно ќе продолжи да го прави тоа. Истовремено, со отфрлањето на засилените врски помеѓу двете армии, поради различните национални интереси на Кина и Русија и недостигот од меѓуоперативност од типот на НАТО, Западот ризикува еден ден да биде геополитички изненаден од нивото на воена соработка помеѓу Пекинг и Москва, заклучува американски „Стратфор“.