Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск ја повика Русија да престане да ја провоцира Украина и да ги врати сите нејзини бродови и морнари приведени крај бреговите на Кримскиот полуостров.

– Ја осудувам руската употреба на сила во Азовското Море – напиша денеска Туск на Твитер. Тој додаде дека за ситуацијата разговарал со украинскиот претседател Петро Порошенко и оти подоцна ќе се сретне со негов претставник.

– Европа ќе остане обединета во својата поддршка за Украина – истакна Туск.

Портпаролот на германската канцеларка Ангела Меркел ја повика Русија да ги ослободи украинските морнари и бродови, задржани кај Крим. Портпаролот Штефан Зајберг ги повика двете земји што е можно побрзо да почнат дијалог за да го разјаснат случајот и да ги намалат тензиите. Според него, инцидентот покренал „сериозни прашања пред се за употребата на воена сила од страна на руските сили, кои, судејќи според фактите што се знаат досега, е јасно неоправдана“.

Зајберг информира дека Берлин е во контакт со двете страни.

Париз исто така ја повика Москва „што е можно побрзо“ да ги ослободи украинските морнари и да ги врати заедно со бродовите. – Ништо е укажува дека употребата на сила од страна на Русија била оправдана – стои во соопштение на француското МНР.

Западот треба да размисли за воведување нови санкции против Русија, изјави во Варшава советникот за надворешнопоолитички прашања на полскиот претседател Анджеј Дуда.

– Со сојузниците ќе се разговара за зајакнување на режимот на санкции против Русија – изјави советникот Кшиштоф Шчерски на прес-конференција по телефонски разговор меѓу Дуда и Порошенко.

Бродови на руската крајбрежна стража вчера отворија оган врз три украински бродови кои се обиделе да влезат од Црното Море во Керченскиот Теснец, и ги задржаа заедно со екипажите, со што се зголеми затегнатоста во регионот. Порошенко денеска потпиша указ за објавување воена состојба во Украина во траење од 60 дена. За да влезе во сила, указот треба да биде одобрен и од украинскиот Парламент.