Секоја година во неколку држави во светот времето се поместува за еден час понапред и на тој начин се практикува летното сметање на времето, кое трае до октомври, што значи еден час помалку за спиење. Од оваа и други причини, многумина не го сакаат летното сметање на времето, а едно истражување од 2016 година покажа дека недоволниот сон токму на денот на промената на времето води до почести сообраќајни несреќи, наедно и со фатален исход.
Токму во таа насока, Европскиот парламент неодамна го поддржа предлогот за укинување на задолжителното поместување на часовникот за еден час во земјите од Европската Унија. Ова ќе стапи во сила годинава, кога секоја членка ќе може да избере дали постојано ќе остане на летно или на зимско сметање на времето. Според досегашната практика, сите 28 членки ги поместуваа стрелките на часовникот двапати годишно, што повторно ќе се случи в недела. Европската комисија го предложи укинувањето минатата година, откако испитувањето на јавното мислење покажа дека 84 отсто од луѓето го поддржуваат овој чекор. Летното сметање на времето е задолжително во ЕУ во 2001 година.
Инаку, помалку од 40 отсто од државите во светот во моментов го практикуваат летното сметање на времето, иако над 140 држави веќе одамна го имаа воведено. Досега само две сојузни држави во САД, Аризона и Хаваи, го укинаа летното сметање на времето. Канадските провинции Саскачеван и Јукон воведоа трајно сметање на времето. Додека земјите како Иран, Мексико, Аргентина, Парагвај, Куба, Хаити, Левантот, Нов Зеланд и делови од Австралија сѐ уште го практикуваат летното сметање на времето.