Несогласувањата помеѓу Матис (лево) и Трамп беа непремостливи

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис ги ограничуваше драматичните воинстени импулси на Доналд Трамп во изминатите две години, но ваквата практика ќе биде прекината поради одлуката на американскиот претседател за повлекување од Сирија, која го наведе Матис на оставка, пренесува европското издание на магазинот „Политико“. 

Различните ставови на Матис, кој е познат под прекарот Бесен пес, и на Трамп, поради повлекувањето на американските трупи од Сирија е последното несогласување во врска со пристапот кон користење на војската и покажувањето на американската моќ. 

Поранешниот генерал во американската војска ја искористи ценетоста од страна на Трамп за да го прошири воениот буџет и да им даде поголем авторитет на воените лица на теренот. Тој ја балансираше и воинствената реторика на Трамп за зголемувањето на бројот на трупи во некои од областите, кои претседателот сега сака да ги напушти.

Но, разликите во ставовите станаа непремостливи. Трамп и Матис имаа несогласувања околу разместувањето на војската на границата со Мексико, како и поради најавите на претседателот за повлекување на силите од Авганистан кога стапи на функцијата, во ситуација кога војската бараше зголемување на бројноста.

Во врска со Иран, Матис му противречеше на Трамп, наоѓајќи се во невообичаена позиција бидејќи се залагаше за политиките на претходната администрација, кои ги оспоруваше додека беше во униформа. Претходниот претседател Барак Обама целеше да ги ограничи иранските амбиции за нуклеарната програма.

Кога Трамп ја објави својата наредба за забрана на трансродни лица во војската, Матис се обиде да ја поништи, но не успеа. Најавата на Трамп за повлекувањето од Сирија беше голем пораз за Матис, кој го наведе да се повлече од функцијата секретар на одбрана која ја извршуваше во изминатите 23 месеци.