Дури 21 отсто од израелските граѓани всушност се Арапи, а Законот за државјанство не им дозволува на нивните брачни партнери да станат израелски државјани, а на Израелците им е особено важно да останат мнозинство во својата држава

ИЗРАЕЛ: ПРЕДЛОГ ЗА ЗАКОНОТ ЗА ДРЖАВЈАНСТВО

Почетокот на новата коалициска влада во Израел не ветува многу. Владата составена од осум идеолошки различни партии веќе го изгуби мнозинството во парламентот поради продолжувањето на важноста на Законот за државјанство.
Имено, иницијалниот Закон за државјанство на Израел првпат беше изгласан во 2002 година, а оттогаш секоја година се обновува со гласање во парламентот. Со овој закон им се забранува можноста за израелско државјанство и постојан престој на Палестинците од појасот Газа или на оние од Западниот Брег, дури и ако се во брак со личност што поседува израелско државјанство.
Овој закон влезе во сила по палестинското востание, кога ваквите „израелски државјани“ учествуваа во нападите врз територијата што Израел ја смета за своја. Дури 21 отсто од израелските граѓани всушност се Арапи, а Законот за државјанство не им дозволува на нивните брачни партнери да станат израелски државјани. Сепак, Комисијата одлучуваше за секој случај поединечно, со цел брачните партнери да не мора да живеат одвоено. Можеа да се пријават само мажи постари од 35 години и жени над 25-годишна возраст.

Министерот за надворешни работи и иден премиер Јаир Лапид изјави дека се работи за закон од „безбедносно значење“ што треба да спречи демографска катастрофа во Израел. Имено, на Израелците им е особено важно да останат мнозинство во својата држава.
„Ерусалим пост“ пишува дека израелскиот парламент Кнесет, во однос на продолжувањето на овој закон, гласал со резултат 59:59. Воздржани биле двајца членови на Владата, кои припаѓаат на арапска парламентарна партија. Интересно е што против законот гласал и еден член на најголемата партија – онаа на премиерот Нафтали Бенет – крајно десничарската Јамина.
Против продолжувањето на важноста на законот гласале дури и членовите на партијата Ликуд, која своевремено беше предлагач на овој закон. Имено, Ликуд и нејзиниот лидер, поранешниот премиер Бенјамин Нетанјаху, со сите расположиви средства се борат да ја срушат оваа власт во Израел.