На корисниците кои ќе пребаруваат коронавирус на социјалната мрежа Фејсбук, ќе им се појави прозорец што ќе ги насочува до Светската здравствена организација или до локалната здравствена организација за најновите информации поврзани со заразата, пишува „Гардијан“. Компанијата, исто така, ќе овозможи рекламен простор вреден милиони долари и на други организации поврзани во справувањето со коронавирусот.

Во своја објава, творецот на Фејсбук, Марк Закерберг, вели дека компанијата е фокусирана на запирање на измами и штетни дезинформации.

– Важно е сите да имаат место да ги споделат своите искуства и да зборуваат за појава на коронавирусот, но според нашите стандарди, не е во ред да споделите нешто што ги става луѓето во опасност. Според тоа ќе ги отстрануваме лажните тврдења и теории на заговор кои беа посочени од водечките глобални здравствени организации. Ќе ги блокираме корисниците кои рекламираат и се обидуваат да ја искористат ситуацијата – на пример, ако тврдат дека нивниот производ може да ја излечи болеста – напиша Закерберг.