Извршниот директор на „Фејсбук“, Марк Закерберг претстави серија нови концепти насочени кон метаверзумот со кој социјалната мрежа се ребрендира.

„Фејсбук“, сега познат како „Мета“, го усвои новиот назив, заснован на научно-фантастичниот термин метаверзум, за да ја опише својата визија за работење и играње во виртуелен свет. Метаверзум е широк поим, кој главно се однесува на виртуелни светови што се достапни за поголем број луѓе и се слични на реалниот живот. До нив може да се пристапи преку интернет.

– Денес нè гледаат како компанија за социјални медиуми, но според нашата ДНК ние сме компанија која гради технологија за поврзување на луѓето, а метаверзумот е следната граница исто како што беа социјалните мрежи кога започнавме“, рече Закерберг.

Сепак, социјалната мрежа ќе го задржи своето име и отсега „Мета“ ќе поседува три големи брендови: „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Воцап“.

Постои и веројатност дека ребрендирањето е дел од обидот да се спаси угледот на „Фејсбук“ и да се оддалечи компанијата од многуте скандали што се случија неодамна.

– Во моментот нашиот бренд е толку цврсто поврзан со еден производ, што на никаков начин не може да претставува сè што правиме денес, а камоли во иднина – рече Закерберг.

Сите апликации и технологии ќе бидат обединети под еден бренд, а корпоративната структура на компанијата нема да се менува, нагласи тој.

Во иднина корисниците ќе може да пристапуваат до други услуги на компанијата, дури и без користење на „Фејсбук“, посочи Закерберг.

– Знам дека некои луѓе ќе речат оти ова не е време да се фокусираме на иднината и сакам да нагласам дека сега има важни прашања на кои треба да се работи. Секогаш ќе има – рече Закерберг во текот на конференцијата за виртуелна и проширена реалност.

„Фејсбук“ го пренесуваше во живо својот осми годишен настан – „Конект“ за да ги прикаже своите најнови иновации и истражувања во проширената и во виртуелната реалност. Тие ја претставија и својата верзија на метаверузмот, комбинација на виртуелна и проширена реалност.

Така, беа прикажни серија видеа преку кои компанијата се обиде да ја пренесе својата визија за метаверзумот.

Се наведува дека оваа технологија ќе им овозможи на корисниците да испратат холографска слика на концерт со пријател, кој всушност е на самиот настан, ќе може да седат на виртуелна маса за состаноци со колегите или да играат игри со пријателите.

Закерберг исто така најави дека виртуелната реалност ќе се користи за повици преку апликацијата „Месинџер“, а планира да создаде и виртуелен пазар, каде што ќе може да се продаваат виртуелни производи.

– Вашите уреди повеќе нема да бидат во фокусот на вашето внимание – рече тој.

– Очекуваме дека многу од овие технологии меѓусебно ќе се поврзат во рок од пет или 10 години. Многу од нив ќе бидат мејнстрим и многу од нас на дневна основа ќе создаваат и населуваат светови, кои ќе бидат детални и автентични како и овој – заклучи Закерберг.

Тој предвиде дека една милијарда луѓе ќе бидат на „метаверзум“ во следната деценија.

Компанијата планира да развие метаверзум, во кој луѓето ќе можат да работат, да комуницираат меѓу себе и да играат игри во виртуелно опкружување, користејќи уреди за виртуелна реалност.