Марк Закерберг инкасираше 8,1 милијарда долари

Американските 167 милијардери вчера заработија 57,4 милијарди долари, кога инвеститорите ја зголемија вредноста на акциите, со што си го наплатија трудот од заложбите во последните пет месеци

Блумберг

Автори: Софи Александер, Том Малоуни и Девон Пенделтон

Покрај тоа што сè уште трае неизвесноста за американските претседателски избори, најбогатите во државата имаат повод за славење. Технолошките милијардери од Силициумската долина во своја корист го добија спорното прашање за работниот статус на хонорарните работници, додека со една мерка во Илиноис се замени рамниот данок на приход во сојузната држава со скалест систем, кој беше поразен откако „Ситадел“ на Кен Грифин потроши милиони да го оспори.

Сто шеесет и седум американски милијардери остварија приход од 57,4 милијарди долари во средата, кога инвеститорите ги зголемија вредностите на акциите, со што си го наплатија трудот од заложбите во последните пет месеци. „Амазон“ на Џеф Безос води со добивка од 10,5 милијарди долари додека „Фејсбук“ на Марк Закерберг инкасираше 8,1 милијарда долари. Победите заокружуваат придобивки за најбогатите луѓе во државата во изминатите четири години. За време на првиот мандат на претседателот Доналд Трамп, најбогатите американски жители го зголемиле своето богатство и статус благодарение на зајкнатите пазари на акции и намалувањето на даноците. Нето вредноста на Американците според индексот на милијардери на „Блумберг“ се искачи од помалку од 1,8 трилиони долари на изборната ноќ во 2016 година на над 2,8 трилиони долари на крајот на октомври.

Предлог 22

Голема технолошка победа беше усвојувањето на Предлогот 22 во Калифорнија, кој јавноста го изгласа за да ги ослободи „Убер“, „Лифт“ и „Дордеш“ од државниот закон според кој се наложува сите ангажирани во компаниите да бидат пријавени како вработени. Победата им ја зголеми вредноста на акциите на „Убер“ и на „Лифт“ на њујоршката берза, со тоа што им го зголеми богатството на некои од најголемите акционери.

Герет Кемп, коосновач на „Убер“ и единствениот извршен директор кој се најде на индексот на „Блумберг“ за 500 најбогати луѓе во светот, изјави дека неговото богатство се зголемило од речиси 350 милиони на 3,4 милијарди долари. Компаниите кои се занимаваат со превоз на патници и достава на храна и ја поддржаа ваквата мерка, вложија рекордни 200 милиони долари во кампањата. Ова вложување најверојатно ќе им се исплати на компаниите како „Убер“ и „Лифт“, а ќе заштеди над 100 милиони долари годишно во трошоци за вработени, според една процена.

Во Илиноис, Грифин вложи 54 милиони долари во кампањата за оспорување на промената на даноците додека милијардерот и гувернер Џ.Б. Прицкер, демократ и наследник на хотелскиот синџир „Хајат“, потроши над 56 милиони долари за поддршка на негово воведување. Мерката беше отфрлена од 55 отсто од гласачите. Грифин, чија фирма за трговија и управување со средства е со седиште во Чикаго, во изјава истакна дека „граѓаните на Илиноис испратиле јасна порака до политичките лидери во Спрингфилд и токму сега било вистинското време за да се спроведат долгоочекуваните реформи за да се заштити сојузната држава од фискален колапс“.

Моќ во Сенатот

Изборите исто така им обезбедија „победа“ на некои од најбогатите во државата откако Републиканците освоија места во Претставничкиот дом и ја добија власта во Сенатот. Доколку Џо Бајден го добие претседателскиот мандат, неговата администрација би можела да ги спречи напорите за воведување мерки кои ќе целат на најголемите заработувачи, како што се зголемување на даноците или промени во законите за данок на имот.

Покрај големите добивки забележани вчера, сепак не беше сè поволно за Закерберг на изборната ноќ, вклучувајќи ја калифорниската мерка која треба да биде јавно изгласана, со која ќе се овозможи зголемување на даноците на комерцијален имот, со тоа што голем дел од парите ќе бидат пренасочени во образованието. Закерберг и неговата сопруга Присила Чен потрошија милиони за да се изгласа Предлогот 15, но од вчера попладне, поддршката за мерката се намали со тоа што беа пребројани три-четвртини од гласовите. Сепак, милијардерот кој најмногу ризикува во овие избори е веројатно Трамп, чиј пат до вториот мандат сега зависи од клучните сојузни држави како Невада, Пенсилванија и Аризона.

Превод: Билјана Здраковска