Извршниот директор на „Фејсбук“, Марк Закерберг, ги негираше обвинувањата на новиот укажувач дека неговата компанија дава приоритет на профитот, наместо безбедноста на корисниците, дека социјалните мрежи кои се во негова сопственост предизвикуваат опасност за здравјето на младите, како и дека сејат раздор меѓу населението и се штетни за демократијата, пренесуваат светските медиуми.

Овој одговор доаѓа по обвинувањата од поранешна вработена во „Фејсбук“, Френсис Хауген, која во неделата гостуваше во емисијата „60 минути“ на американската телевизија „Си-би-ес“, а претходно предаде илјадници документи на американските законодавци и на „Волстрит џурнал“, поврзани со работата на компанијата. Коинцидентно, Фејсбук, Инстаграм и Вацап завчера имаа шестчасовноо помрачување кое уште не е разјаснето.

Закерберг синоќа на неговиот блог објави дека сведочењето на укажувачот „едноставно не ја отсликува компанијата која сите ја знаеме“.

– Ние длабоко се грижиме за прашања како што се безбедноста, благосостојбата и менталното здравје на нашите корисници. Тешко е кога ќе видиме тврдења што погрешно ја претставуваат нашата работа и нашите мотиви – стои во објавата на Закерберг.

Дел од документите откриваат студија која сугерира дека Инстаграм создава притисок врз младите, што доведува до проблеми со менталното здравје и изгледот кај младите девојки, што било повод за нарушувања во исхраната и самоубиствени мисли и нагони. Според студијата, 13,5 отсто од тинејџерките сметаат дека Инстаграм ги зголемува самоубиствените мисли, а 17 отсто велат дека платформата е причина за нарушување во нивната исхрана.

– Ние заработуваме пари од рекламирање, а оние кои ја користат услугата постојано ни напоменуваат дека не сакаат нивните реклами да бидат веднаш до штетни или насилни содржини. Ако сакаме да ги скриеме резултатите, зошто би воспоставиле водечки индустриски стандард за транспарентност и известување за она што го правиме? Во центар на обвинувањата е идејата дека ние даваме приоритет на профитот пред безбедноста и благосостојбата на корисниците. Тоа едноставно не е точно – стои во објавата на Закерберг.

По сведочењето на Хауген, некои сенатори го поканија Закерберг да сведочи пред поткомитетот на американскиот Сенат, додека други го обвинија дека наместо да се соочи со обвинувањата, тој решил денот да го помине пловејќи на море.