Разузнавачите од Германија тврдат дека хакери надвор од блокот можат да извршат влијание врз изборите во Бундестагот, закажани во земјата на почетокот од септември. Експертите предупредуваат, покрај Берлин, и властите во Европа да бидат внимателни на сајбер-заканите

Додека Германија на големо се подготвува за претстојната изборна кампања за почетокот на есента кога ќе се избира наследникот на канцеларката Ангела Меркел, постои голема опасност дека изборниот циклус може да стане цел на сајбер-закани. Ова, меѓу другото, го наведува „Дојче веле“, кој пишува дека додека постепено се вжештува изборната трка, властите и безбедносните служби се сѐ повеќе загрижени за неодамнешните сајбер-инциденти во земјата. Во таа насока Арне Шонбом, претседателот на Федералното биро за информациска безбедност (БСИ), во вторникот пред медиумите изјави дека „заканата по сајбер-безбедноста оваа година е сериозна“ и предупреди дека злонамерни актери може да спроведат хакерски напади и дезинформациски кампањи за да го нарушат текот на изборите. Според германскиот медиум, сајбер-заканите започнаа уште во јануари кога беше извршен упад во преносот на самитот во живо на интернет на Демохристијанската партија на Меркел, а потоа во март беа хакирани кориснички сметки на неколку десетици национални и регионални политичари. БСИ соопшти дека соработува со другите власти за да ги заштити преостанатите партии, кандидати, институции и технологија.

Напорите за спречување хакерски напади се важни, но не можат целосно да ги одбранат изборите од голем сајбер-напад, како и од ширењето лажни или погрешни информации за да се влијае врз ставот на јавноста или да се јават сомнежи околу интегритетот на гласањето, пишува на истава тема агенцијата АП. Уште на почетокот од оваа година почнаа да кружат лажни информации на интернет како може да се манипулира со гласањето по пошта. Во изминатите неколку недели исто така се зголемија шпекулациите за чувањето на изборниот материјал, како што информира Георг Тиел од Федералната изборна комисија. Како одговор на тоа, неговата комисија креира портал со факти за изборниот процес. Агенцијата за сајбер-заштита БСИ исто така е во контакт со технолошките компании „Фејсбук“, „Гугл“ и „Твитер“ за да ги следи дезинформациите на нивните платформи.

Но таквите обиди да се идентификуваат и отстранат лажните содржини често завршуваат напразно, бидејќи истите тие информации можат потоа да се пронајдат на други платформи. Инаку, пред речиси една деценија, претставниците на Комисијата за интернет и дигитално општество на Бундестагот апелираше до државата да ги зголеми образовните напори за медиумска писменост меѓу Германците. Државата, за жал, не воведе пошироки иницијативи, за разлика од Финска.
Но германската експертска група „Штифтунг ноје ферантвортунг“ откри дека над една петтина од Германците прават разлика меѓу доверливи и недоверливи извори на информации. Иако ова е добар знак, сепак на четири месеци до изборите времето не работи во корист на Германија, бидејќи проблемот со ширењето дезинформации нема лесно да исчезне.